/ Прочитано:

1.541

Јанкулоска и Јанакиески излегуваат од Владата, Мијалков поднесе оставка

Вторник, 12 мај 2015 – Премиерот Никола Груевски вечерва до Собранието доставил предлог за избор на двајца нови министри  за внатрешни работи и за транспорт и врски. Предлог следи по доставените оставки до премиерот од страна на владините министри, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

Јанакиески: Придонес во стабилизирање на политичката состојба во Република Македонија

„Сметам дека оваа моја оставка ќе придонесе во стабилизирање на политичката состојба во Република Македонија“, наведува Миле Јанакиески во оставката, додавајќи дека оставката ја поднесува и заради евроатлантскиот пат на земјава, но и за да не влијае на било каква постапката во врска со, како што посочува, лепените и креираните разговори.

Јанкулоска: Ценам дека е време да се повлечам со цел надминување на политичката криза

„Во изминативе години не штедејќи време и енергија работев професионално и посветено секогаш раководејќи се од интересите на граѓаните и пред се раководејќи се од интересите на Македонија. Во овие тешки мигови кога Македонија е во длабока политичка криза, ценам дека е време да се повлечам, верувајќи дека моето повлекување ќе придонесе во нејзино надминување“, вели Гордана Јанкулоска.

Чавков и Мисајловски – нови предлози за министри

По поднесените оставки од страна на владините министри, претседателот на Владата за нов министер за внатрешни работи го предлага Митко Чавков, а за министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, а Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Мисајловски претходно беше и државен секретар во МНР.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски седницата за избор на новите членови на Владата ја закажал за утре во 13 часот.

Покрај владините министри, оставка поднел и директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој за својата одлука писмено го известил Груевски.

Мијалков: Со оставката ќе помогнам во надминување на политичката криза

„Сакам да ја истакнам мојата огромна благодарност за довербата и што ми овозможивте да бидам дел од тимот, кој носи напредок за нашата држава и кој ги брани националните и државни интереси. Вие ја имате мојата полна поддршка. Во интерес на Македонија, гледајќи дека доколку го направам ова ќе помогнам во надминување на политичката криза, која ја наметна опозицијата со своето недржавничко однесување, а свесен дека вистината и аргументите се на наша страна и дека сето тоа со тек на време ќе станува уште појасно, сакам да информирам дека поднесувам оставка на позицијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Со пиетет им благодарам на сите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, со кои работев сиот овој изминат период и до сите други институции за целиот нивен ангажман, посветеност, храброст и сила. Тие се нашата главна поткрепа, тие се нашата гордост и Македонија може да смета на нив“, стои во оставката на Сашо Мијалков упатена до премиерот Никола Груевски.

М.В