/ Прочитано:

1.597

ЈАНКУЛОСКА ВО СЈО: Побаравме увид во доказите, што е елементарно право на одбраната

Таа е опфатена во неколку предмети што јавно ги објави СЈО, меѓу кои и предметот „Титаник“, за изборни измами. За сите предмети кои досега се објавени, а во кои е опфатена, Јанкулоска вели дека Специјалното јавно обвинителство не ги испочитувало елементарните процесни права, односно не добила на увид докази за ниту еден предмет.

Гордана Јанкулоска пред СЈО

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска беше повикана на распит во Специјалното јавно обвинителство, каде што се задржа само половина час. На излегување од зградата на СЈО, Јанкулоска изјави дека распитот бил одложен бидејќи не им биле обезбедени елементарните услови како странка во постапката, односно не им биле дадени на увид никакви докази.

„Јас не барав ништо посебно, барав елементарно запознавање со доказите кои тврдат дека ги имаат за воопшто да можам да се изјаснам за нешто што во моментов сè уште го немам видено. Тогаш кога ќе добиеме право да ги видиме оние документи или друга форма на докази што ни ги ставаат на товар, јас повторно им стојам на располагање на сите државни институции и ќе се јавам на која било покана. Јас сум одлучна да учествувам во оваа постапка бидејќи тоа е од мој интерес, бидејќи немам сторено кривично дело и инсистирам, низ една правна постапка каде што двете страни ги имаат правата како еднакви учесници во постапките, да се докаже тоа “, рече Јанкулоска.

Барањето на Јанкулоска било констатирано на записник и биле дадени рокови во кои ќе треба да се постапи.

Јанкулоска, која 13 пати беше помилувана од страна на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, вели дека нема увид во тоа на што се однесувале одлуките за помилување и претпоставува дека институциите, во рамките на меѓуинституционалната размена, дошле до податоци врз основа на кои се донесени одлуките за помилување, но потенцираше дека нема сторено ниту едно кривично дело.

„Функцијата која ја извршував речиси девет години ја вршев максимално професионално и посветено, во интерес на граѓаните на Република Македонија, во интерес на државата, и немам од што да се плашам. Од мој интерес е сите постапки да се отворат и затворат за сите овие политички конструкции и обвинувања, па и местенки, ако сакате, и да се деконструираат за конечно јавноста да види дека зад сето ова стои една политичка игра на опозицијата во која веруваат сè помалку луѓе“, рече Јанкулоска.

Поранешната министерка денеска беше повикана да даде исказ во врска со случајот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на системите за прислушување.

Таа е опфатена во неколку предмети што јавно ги објави СЈО, меѓу кои и предметот „Титаник“, за изборни измами. За сите предмети кои досега се објавени, а во кои е опфатена, Јанкулоска вели дека Специјалното јавно обвинителство не ги испочитувало елементарните процесни права, односно не добила на увид докази за ниту еден предмет.

Од СЈО велат дека на Јакулоска и било предочено дека има право на увид во доказите против неа, пред да даде исказ.

„Увидот во доказите е право на странките во постапката и ние тоа им го предочуваме на лицата кои се повикуваат да дадат исказ. На осомничената и беше предочено дека има право на увид и таа го знаеше тоа и го потпиша записникот. Увидот во доказите е договорено да започне оваа недела“, велат од СЈО.

Јанкулоска рече дека паѓаат во вода тврдењата на СЈО дека се потребни мерки за обезбедување на нејзино присуство во текот на постапките бидејќи таа, иако доцна вчера попладне ја добила поканата, денеска уредно се јавила на распит. Јанкулоска вели дека Обвинителството и понатаму докажува дека работи за политичката кампања на опозицијата, која во период пред избори нема други средства со кои ќе ја врати довербата кај граѓаните.

Покрај Јанкулоска, денеска на распит во СЈО беше и Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на поранешниот директор во УБК. Јакимовски исто така е осомничен во случајот „Тврдина“.

За овој предмет осомничени се и Горан Грујевски и уште две лица вработени во МВР.

М. С.