/ Прочитано:

1.442

ЈАНКУЛОСКА ЗА „ТВРДИНА“: Како поранешен политички функционер нема да ги коментирам наводите за уништување на опремата за прислушување

„Апсолутно, СЈО не понуди никакви докази бидејќи не постои никакво дело. Од она што го слушнав, не постојат никакви аргументи ниту да се бараат ниту да се определат мерки за претпазливост, дотолку повеќе што нивниот аргумент е дека постои опасност од бегство и да се обезбеди присуство. Но, јас, како што видовте, бев тука и минатиот пат, тука сум и сега и повторно ќе дојдам кога ќе ме повика Судот кој ја води постапката “, додаде Јанкулоска.

Гордана Јанакулоска во Суд за Тврдина

Уништување на двата системи за прислушување во Министерството за внатрешни работи, кое е дел од предметот „Тврдина“ во кој Специјалното јавно обвинителство, меѓу другите, ја осомничи и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, било дел од оперативно-технички и тактички прашања кои биле во надлежност на професионални лица во МВР.

Ова денеска го истакна Јанкулоска по завршувањето на распитот пред судијата на претходната постапка во врска со мерките за претпазливост кои ги бара СЈО за неа.

„Би било неупатно јас, како поранешен политички функционер, поранешен министер, да се впуштам во дискусија и да импровизирам одговор“, рече Јанкулоска на прашањето дали знаела дека била уништена ваква опрема.

Таа додаде дека ваквите дејствија ги преземале професионални лица во Управата за безбедност и контраразузнавање. Јанкулоска како министер била потпишана на поединечен акт со кој им дала овластување на одредени лица да постапуваат во согласност со законот.

„Ова е генеричка надлежност на функционер кој работи со институција, вклучително и на министер во кое било министерство во Владата. Според ова, неосновано е барањето на СЈО, неиздржани се нивните обвинувања и не постои никаква причина за да се определат мерките што тие сега ги бараат. Ако подоцна дојде до каква било постапка, доколку така одлучи Судот, сите аспекти на одбраната ќе бидат презентирани, но јас сум сосема спокојна и немам направено кривично дело, ниту во овој случај ниту по однос на друг случај“, рече Јанкулоска.

Гордана Јанакулоска во Суд за Тврдина

Во текот на деветте години додека работела, работела совесно и се раководела од интересот на Република Македонија и од интересот на институцијата со која раководела. Таа вели дека без разлика колку предмети ќе поведе против неа СЈО, секогаш ќе биде тука, достапна за да се соочат аргументите за да види јавноста кој работи законски, а кој води политичка битка во име на опозиционите партии.

Во својата изјава Јанкулоска најмногу се осврна на непрофесионалната работа на Специјалното јавно обвинителство, кое, според неа, се профилирало во јавноста како продолжена рака на опозицијата.

„Самиот нивен настап денеска во Судот беше повеќе од јасен како тие настапуваат, особено што  СЈО од политички причини денеска побараа изземање на судијата и Судот на тоа нивно барање треба дополнително да одлучи“, рече Јанкулоска.

За неа е нејасно барањето за мерки за претпазливост бидејќи, како што рече, таа нема намера да бега и во нејзин интерес, а и во интерес на јавноста, било да се демаскираат конструкциите на СЈО.

„Апсолутно, СЈО не понуди никакви докази бидејќи не постои никакво дело. Од она што го слушнав, не постојат никакви аргументи ниту да се бараат ниту да се определат мерки за претпазливост, дотолку повеќе што нивниот аргумент е дека постои опасност од бегство и да се обезбеди присуство. Но, јас, како што видовте, бев тука и минатиот пат, тука сум и сега и повторно ќе дојдам кога ќе ме повика Судот кој ја води постапката “, додаде Јанкулоска.

На крајот, вели таа, Судот е тој кој ќе донесе одлука не врз основа на политички квалификации кои ги слушаме од СЈО, туку врз основа на правни аргументи и евентуални докази кои и Обвинителството и одбраната имаат право да ги понудат.

Наводите дека СЈО постапува како бранител на СДСМ, вели Јанкулоска, се докажуваат со случајот „Пуч“.

„Не се работи само за перцепција, туку и за фактичка состојба. Јас досега немам видено СЈО да се занимава со некој друг освен со една политичка партија. Единствениот случај кој е поврзан со опозицијата е случајот „Пуч“, случај во кој СЈО повеќе настапува како бранител во постапката отколку како обвинител, и тоа е фактичка состојба потврдена со реални показатели“, рече Јанкулоска.

Таа, началникот на Петтата управа Горан Грујоски и уште три лица од МВР се осомничени во предметот „Тврдина“ за уништување на опремата за прислушување во МВР.