Јанкуловска: Ќе продолжи истрагата за смртта на претседателот Борис Трајковски
Понеделник, 8 октомври 2012 – „Доказите и податоците кои стојат во последниот извештај за смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски фрлаат ново светло на настаните, нешто што во рамките на досегашната истрага не беше земено во предвид“, одговори министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска денеска на новинарско прашање во врска со истрагата за случајот во кој загина поранешниот претседател Борис Трајковски.
Министерката побара трпение додека се чека конкретниот исход од анализата на тие податоци, а оцени дека за нова истрага одговорот кој доаѓа од босанските власти во последните неколку месеци е различен и попозитивен во однос на сите претходни.
Јанкуловска додаде дека цврстината на доказите ќе треба да ја оцени судот во евентуална постапка, но дека стои на ставот дека извештајот кој што беше предмет на разгледување на Владата, а подготвен од страна на независна комисија заслужува должно внимание и од нашите и од босанските власти. Нагласи дека со оглед на тоа што се работи за специфично стручна проблематика, таа не може да си дозволи да ги коментира работите за кои нема соодветни квалификации, но изрази уверување дека тоа ќе го направат институциите кои имаат такви квалификации.