/ Прочитано:

1.859

Јавен обвинител од Тетово нападнат во судница

По објавувањето на пресудата против обвинет од Скопје, една од присутните му пришла и со двете раце го фатила во пределот на реверот на палтото и почнала да го влече, заканувајќи му се дека ќе има работа со неа.

pravosudstvo.jpg

Јавен обвинител од Тетово вчера бил нападнат во судницата на Основниот суд Тетово за време на објавата на пресудата за предмет по кој постапувал.

Како што информираат од Обвинителството, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово бил нападнат од жена која била во роднинска врска со осуденото лице. Таа вербално му се заканувала на јавниот обвинител и физички го нападнала. По интервенцијата на судската полиција, осомничената била отстранета од судницата, велат од Обвинителството.

Според податоците на полицијата, З.Р. (65), јавен Обвинител во ОЈО Тетово, пријавил „загрозување на сигурноста“. Имено, во 15:07 часот во Основниот суд во Тетово, по објавувањето на пресудата против обвинет од Скопје, една од присутните му пришла и со двете раце го фатила во пределот на реверот на палтото и почнала да го влече, заканувајќи му се дека ќе има работа со неа. На ова реагирал обвинетиот којшто успеал да ја оттргне од обвинителот, се наведува во полицискиот билтен.

Против жената напаѓач е поведена постапка. Основното јавно обвинителство Тетово издало наредба до полициските служби за земање на изјава од осомничената, како и за обезбедување на видеозаписот од судницата во тетовскиот суд.

Осомничената се товари за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ од членот 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.​