/ Прочитано:

946

Јавна дебата на тема: „Понатамошно подобрување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации“

Во просториите на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип беше одржана јавна дебата, која е дел од твининг-проектот финансиран од ЕУ: „Понатамошно подобрување на системот за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации (НРК)”, на која присуствуваа претставници од Министерството за образование, локалната самоуправа, Стопанската комора на Македонија и бизнис секторот.

Оваа јавна дебата е дел од редовните средби со засегнатите страни за различни аспекти од Националната рамка на квалификации кои се одржуваа во текот на проектот. Проектот, исто така, предвидува одржување јавни дебати, со кои ќе се информира јавноста за резултатите од проектот и  кои служат за редовна консултација со засегнатите страни,  како и за подигање на свеста и знаењето за НРК.

Овие настани, исто така, ја зголемуваат транспарентноста на проектот. Формулата на дијалог со засегнатите страни ги обезбедува нивната поддршка и посветеност за развивање и имплементирање на НРК; и овозможува инкорпорирање на стекнатото знаење и искуство. Исто така,  ќе се обезбеди одржливост на проектните резултати, одлична можност за вмрежување, како и за размена на искуства, добри практики и нови иницијативи во системот на НРК.

На панел-дискусијата се дискутираше за следниве прашања: Како да зборуваме за НРК, кои се придобивките од НРК за локалниот развој и како да изградите доверба во НРК? Модератор на настанот беше Наташа Јаневска, државен советник во Министерството за образование, а покрај претставниците од локалната самоуправа и образованието, учесници во оваа дебата беа и: Весна Ангеличкова, потпретседател на Регионалната комора со седиште во Штип, Ангел Димитров, претседател на Здружението за текстилна индустрија при Стопанската комора на Македонија, како и Венцислав Филипов, сопственик на текстилната компанија АФГ-Штип.

M.В