/Прочитано:

788

ЈАВНА ДЕБАТА ЗА ЗАКОНСКИТЕ РЕФОРМИ ВО ЈАВНИТЕ НАБАВКИ: Покрај најниската цена, да се вреднува и квалитетот

Целта на новиот Закон за јавни набавки е да ја зајакне транспарентноста и контролата на постапките, а во исто време да ги направи постапките поедноставни и полесни за имплементација, изјави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски, на првата јавна дебата за Законот, која денеска се одржа во Стопанската комора на Македонија.

Тој пред бизнис-заедницата и невладиниот сектор рече дека со Законот се воведува задолжителна обврска за објавување на договорите и другата документација од секоја поединечна јавна набавка на Електронскиот систем за јавни набавки. Намерата е јавноста да има целосен увид во документацијата од јавните набавки.

„Во согласност со европските правила и пракса, новиот Закон дава можност покрај цената, да се вреднува и квалитетот. При тоа, договорниот орган, во зависност од предметот на набавка, самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот“, образложи Тевдовски.

Со новиот Закон се вградуваат и забелешките на Европската комисија и домашната стручна јавност во поглед на електронските аукции. Во минатото, како што објасни Тевдовски, задолжителните електронски аукции дале добри резултати во некои случаи, но во одредени постапки довеле до незаконско договарање на понудувачите и до пораст на цените во отсуство на вистинска конкуренција.

„Со новиот Закон остануваат електронските аукции, но опционално, конзистентно со европските правила и пракса. Се стеснува употребата на негативните референции во согласност со укажувањата на деловната заедница и увидените слабости од досегашната пракса. Се зголемуваат праговите за примена на Законот и се разјаснува начинот на вршење на малите набавки, а се воведува и обврска за известување за малите набавки“, изјави министерот Тевдовски.

Ќе се воведе електронски пазар на мали јавни набавки. Тој ќе биде во вид на електронски каталог што ќе овозможи брзо и ефикасно решавање на набавките од мала вредност кои се едноставни по својата природа.

Во Законот се воведува и претходна контрола која ќе ја врши Бирото за јавни набавки. Предмет на претходната контрола ќе бидат поголемите јавни набавки, како и набавки одбрани по одредени принципи и ризици утврдени во Законот.

Во согласност со програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018 – 2021, новиот Закон за јавни набавки треба да биде усвоен од страна на Собранието до октомври годинава, а да започне да се применува од јануари следната година.

Од Бирото за јавни набавки велат дека законското решение, кое треба да се дефинира по забелешките од  бизнис-заедницата, ќе обезбеди заштита од корупција и контрола врз основа на која ќе се утврди одговорност. Во соработка со Светската банка се спроведува проект за црвени знаменца кои ќе се вградат во електронскиот систем за јавни набавки и ќе бидат показатели на корупција.

Во Законот се воведува и претходна контрола која ќе ја врши Бирото за јавни набавки. Со неа ќе бидат опфатени поголемите јавни набавки, како и набавки одбрани по одредени принципи и ризици.

„Контролата на набавките ќе се врши системски и тоа ќе биде добро решено. Законот предвидува да се воведе електронски пазар на мали јавни набавки во вид на електронски каталог, што ќе овозможи нивно брзо и ефикасно решавање. Тие набавки треба да се олеснат со предложеното подигање на нивниот праг од сегашните 500 евра на 1.000 евра во класичниот сектор и на 2.000 евра во секторските дејности“, вели директорот на Бирото за јавни набавки, Ѓорѓи Георгиевски.

„Ги решаваме проблемите на многу училишта и градинки бидејќи  има дефицит на кадар што работи во јавни набавки и исто така со зголемувањето на прагот на јавни набавки ние уште сме под сите држави од регионот, значи, не се значително зголемени за да имаме страв од зголемена корупција“, посочува Георгиевски.

М.В