/ Прочитано:

1.332

Јавна дискусија за предлог-измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Крајниот рок до кога медиумските здруженија и сите засегнати страни ќе може да оставаат забелешки за втората драфт-верзија на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е 30 ноември, како што посочи министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. По истекот на овој период, забелешките ќе бидат испратени до ОБСЕ и ЕК. Ова е со цел и тие да дадат свое мислење, по што текстот ќе влезе во процедура за носење на измените на овој закон.

На денешната јавна дебата за предлог-измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, забелешките за текстот, пред сè, беа насочени кон  предложените одредби за јавниот сервис и неговото финансирање и предложениот член 61 во измените. Учесниците во дискусијата дебатираа и за одредбите направени во корист на комерцијалните телевизии, застапеноста на македонската музика и сопствената продукција, како и за проблемите со кои се соочуваат локалните медиуми.

Крајниот рок до кога медиумските здруженија и сите засегнати страни ќе може да оставаат забелешки за втората драфт-верзија на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е 30 ноември, како што посочи министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. По истекот на овој период, забелешките ќе бидат испратени до ОБСЕ и ЕК. Ова е со цел и тие да дадат свое мислење, по што текстот ќе влезе во процедура за носење на измените на овој закон.

Според Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникација, транспарентност и отчетност, во наредниот период, медиумските здруженија треба директно да бидат инволвирани во решавањето на проблемите во медиумската сфера.

„Предложените измени се резултат на потребата од надминување на претходната, долгогодишна хаварија во медиумскиот простор. Владата е посветена на создавање услови за целосна независност во медиумската сфера, со цел да се професионализираат и департизираат националниот сервис и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, оцени министерот Поповски.

Тој подвлече дека дебатата со медиумските работници нема да заврши ниту со донесувањето на ЗААВМУ бидејќи доколку е потребно, Владата ќе предложи да се формира Работна група која еднаш месечно ќе се состанува и ќе работи на детектирање и решавање на тековни проблеми.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, обвини за неконзистентност во ставовите на владините претставници, нагласувајќи дека на почетокот на мандатот потпишале изјава за поддршка на саморегулацијата, додека сега со членот 61 целта е да се укине саморегулацијата. Новопредложениот член содржи и високи казни за кои подоцна, во одговорот на коментарите, министерот Поповски рече дека ќе бидат тргнати, но за другиот дел од членот 61 побара од здруженијата да размислат дали тој треба да остане затоа што, како што рече, граѓаните треба да знаат дека има некаков коректив за работата на медиумите.

Голем дел од забелешките и предлозите се однесуваа за јавниот радиодифузен сервис и неговото финансирање. Поголем дел од дискутантите побараа финансирањето да биде со еден отсто од буџетот, а не 0,7, како што се предвидува со измените. Претставникот на Синдикатот на МРТ, Слаѓана Миливоевиќ, истакна дека за јавниот радиодифузен сервис е потребен посебен закон со кој ќе се регулира сè што е поврзано со неговата работа.

Што се однесува до забелешките, пак, за застапеноста на македонската музика, Горан Гаврилов од Агенцијата за приватни и електронски медиуми (АПЕМ) смета дека намалувањето на сумата за лиценцата за работа што ја плаќаат приватните електронски медиуми треба да биде во согласност со процентот на застапеност на македонската музика на радијата или пак, како што рече, целосно укинување на членот 92 од Законот.

Претставниците на здруженијата на локалните медиуми на денешната дискусија побараа намалување на казните за локалните медиуми, кои сега се изедначени со националните, како и враќање на фондот за финансирање на проекти од јавен карактер.

А. Б.