/ Прочитано:

1.279

Јавна дискусија за Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Денеска Министерството за правда, Министерството за информатичко општество и администрација и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија организираа јавна дискусија за можни измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон.

„Законот е од 2006 година и оваа дискусија е за тоа дали има потреба од интервенции во него. Да видиме дали е проблем Законот или неговата имплементација. Владата од изборот досега има наплив на барања и ние се соочуваме со големи број податоци што треба да ги дадеме и мал број на луѓе ангажирани за тоа“, истакна на дискусијата министерот Роберт Поповски, додавајќи дека генералниот впечаток е дека Законот е добро поставен, но во реалноста слабо функционира.

На јавната дискусија претставниците на медиумите и на граѓанскиот сектор истакнаа дека се потребни законски измени. Покрај тоа што се потребни измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, потребна е и активна транспарентност на институциите.

Според Герман Филков, од Центарот за граѓански комуникации, активната транспарентност е многу слаба и слабо се извршува. Минатата година изнесуваше само 45 проценти, а годинава 42 проценти. Потребно е намалување на рокот за одговор на 15 работни дена, зголемување на ингеренциите на Комисијата за да води кривични постапки и одговорност за администрацијата. Филков посочи и дека годишно поднесуваат до 1 000 барања и одговорите за нивната организација се околу 70 проценти, процент кој, според нивните истражувања, се намалува на 37,5 отсто доколку барањата се поднесени од новинари.

„Брзото добивање информации е круцијално за соодветно учество на НВО во работата на институциите, поради тоа е неопходно усогласување на роковите за жалба по некоја одлука со рокот за добивање на информации од јавен карактер“, истакна Александра Бујаровска од Здружението „Фронт“.

Потребно е, предложи новинарот Саше Димовски, да се предвиди што може судот да објави како информации од јавен карактер во однос на некои судски постапки и да се предвиди мериторно одлучување на Управниот суд.