/ Прочитано:

1.755

ЈАВНА РАСПРАВА ВО КОМИСИЈАТА ЗА ЗДРАВСТВО: Стручната јавност бара нови и посебни законски решенија за лекарите, медицинските сестри, техничарите и акушерките

Понеделник, 30 ноември 2015 – Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија одржа јавна расправа на тема: „Перинатална, доенечка и смртност на родилки во Република Македонија“. На расправата констатирано е дека во здравството недостасуваат гинеколози, педијатри, неонатолози и анестезиолози, а нагласено е и донесувањето на Закон за докторска дејност и закон за медицински сестри, техничари и акушерки.

На Јавната расправа активно учество зедоа претставници од Министерството за здравство, Лекарската комора на Македонија, Здруженија на педијатри, неонатолози, епидемиолози, анестезиолози, гинеколози, акушерки и други невладини организации кои ја третираат оваа проблематика.

„Потребно е донесување на Закон за докторска дејност“

Според изнесените дискусии на стручната јавност на јавната расправа, од собраниската Комисија за здравство истакнуваат дека во врска со проблематиката и темата на расправата донесени се повеќе заклучоци. Според заклучоците, „неповолните социоекономски услови во Републиката, неедуцираноста на популацијата, ин витро бременостите, влијаат за предвремено родени деца и за смртноста“. Се констатира дека „недостасуваат здравствени работници од следните специјалности: гинеколози, педијатри, неонатолози и анестезиолози и потребна е континуирана соработка на гинеколозите од примарна, секундарна и терцијарна здравствена заштита“.

„Потребно е да продолжи континуираната медицинска едукација на здравствените работници, здравствените соработници, како и на медицинскиот персонал со средно образование“, се вели во заклучоците.

Исто така, се додава во заклучоците, треба да се воведе курикулум за акушерки согласно меѓународните стандарди и европските директиви, да се подобри работата на патронажната служба, да се предвиди зголемување на средствата во Буџетот на Република Македонија за Превентивната здравствена програма за здравствената заштита на мајките и децата, како и нивно рационално трошење.

Во рамки на расправата во Комисијата за здравство дискутирано е и прашањето за донесување на Закон за доксторака дејност. Според дискусиите и заклучоците, донесувањето на ваков Закон е потребен и од аспект на елеборираната проблематика.

„Потребно е донесување на Закон за докторска дејност и закон за медицински сестри, техничари и акушерки“, се вели во заклучоците од јавната расправа во рамки на собраниската комисија за здравство.

Инаку, барањата за нов закон за докторска дејност ги поддржува и Лекарската комора која, како што велат од таму,интензивно работи на изготовка на подобри прописи. Лекарската комора и кон средината на оваа година побара законски измени со цел лекарите да добијат статус на службени лица. Донесување на Закон за докторска дејност иницираа и младите лакари.

„Со донесување на Закон за докторска дејност Македонија ќе биде земја за пример, земја која ќе го реши проблемот со медицинската миграција, а не земја која ќе го чека денот на колапс на здравството поради дефицит на лекари и која ќе треба да вложи многукратно повеќе средства за да санира штети и последици кои можеме да ги превенираме заедно!“, нагласија младите лекари од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

ЛЕКАРИТЕ БАРААТ НОВИ ЗАКОНИ ЗА ДОКТОРСКАТА ДЕЈНОСТ: „Подобри закони за поголема заштита“ МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ЗАКОН ЗА ДОКТОРСКА ДЕЈНОСТ: „Се соочуваме со егзистенцијални проблеми и приморани сме да си одиме од земјава“ Лекарите бараат поголема правно-безбедносна заштита и законски регулиран статус на службени лица М.В