/ Прочитано:

1.203

Јавна расправа за Мрежните правила за пренос на електрична енергија на МЕПСО

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија организираше јавна расправа на која беше презентиран Нацрт-предлогот на мрежните правила за пренос на електрична енергија на МЕПСО.

Станува збор за подзаконски акт каде што се утврдуваат одговорностите што ги имаат: МЕПСО, сите што го користат електропреносниот систем директно како што се големи потрошувачи „Кранфилд Фаундри“, „Бучим“, „ОКТА“, „Макстил“, „Арчелор митал“, „Усје“, „Југохром-фероалојс“, „Скопски легури“, „Фени индустри“, „Македонски железници“, производители што се приклучени на македонскиот електропреносен систем, како и операторите на електродистрибутивните системи (Електродистрибуција ДОЕЛ Скопје и ЕСМ Енергетика)

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, Марко Бислимоски, истакна дека со новите Мрежни правила се врши усогласување на националната и европската регулатива.

„Регулаторната комисија за енергетика одблизу ги следи процесите при воведување на европските регулативи во домашното законодавство. Република Северна Македонија има обврска да ги транспонира европските правила во домашните закони, а конкретно двете регулативи за приклучување на производители и потрошувачи (Network Codes), кои се дел од обврските што потекнуваат од Договорот за основање на енергетската заедница. Само со доследна реализација на преземените обврски земјава може да го задржи епитетот на шампион во енергетиката. Со Мрежните правила, покрај обврските од меѓународните ратификувани договори, се прави ажурирање и допрецизирање на одредбите од постојните Мрежни правила за пренос на електрична енергија со цел да се овозможи поедноставна примена на одредбите од Правилата од страна на корисниците на преносната мрежа„ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.

Со Мрежните правила се обезбедува транспарентност во работата на сите корисници на преносната мрежа истакна Ева Шуклева, директорка на МЕПСО.

„Врз основа на Законот за енергетика, АД МЕПСО има обврска по претходно одобрување од страна на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги да ги донесе Мрежните правила за пренос на електрична енергија и да ги објави во Службен весник, како и на својата веб-страница. Мрежните правила ги регулираат минималните технички барања за приклучување и отворен пристап на преносната мрежа, како и особеностите за експлоатација и планирање на преносната мрежа. Со Мрежните правила се обезбедува транспарентност во работата на сите корисници на преносната мрежа, во пазарни услови, и одржување на високо ниво на квалитет на техничките услуги за пренос и снабдување со електрична енергија. Со усогласувањето на правилата со европската регулатива се постигнува подобрување на квалитетот на електрична енергија која се испорачува преку електропреносниот систем, како и квалитетот на услугите што ги обезбедува на корисниците АД МЕПСО. Во Мрежните правила се транспонирани европските регулативи коишто се однесуваат на приклучување на производителите и потрошувачите на електропреносната мрежа на АД МЕПСО“, изјави Ева Шуклева, директорка на МЕПСО. Мрежните правила претставуваат подзаконски акт каде што подетално се утврдува предвидувањето на потрошувачката на електрична енергија.

М.В