/Прочитано:

345

Јавна расправа за новиот Закон за инспекциски надзор: Ќе се подобри квалитетот на работата на инспекциските служби

Министерството за информатичко општество и администрација денеска организираше јавната расправа за новиот Предлог-закон за инспекциски надзор. Цела на расправата е преку отворена дискусија и дебата да се подобри текстот на законот, којшто веќе е објавен на ЕНЕР и е достапен за коментари и забелешки.

Јавната расправа ја отвори министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, осврнувајќи се на причините за подготовката на нов закон и за тоа што се очекува да се подобри со овој закон.

„По направените анализи на фактичката состојба, заклучивме дека постојниот закон се карактеризира со голем број одредби кои честопати се меѓусебно противречни.  Ова особено се однесува на проблемите кои субјектите, граѓаните и бизнисите ги имаат при инспекциските контроли. Инспекцискиот совет во досегашното постоење не придонесе за остварување на целите заради кои беше формиран, додека пак инспекциските служби се преоптоварени со обврски од административна природа кон Советот. Недоволниот број на инспектори и сложената постапка за стекнувањето на статус инспектор се дополнителен предизвик. Субјектите на надзор не се доволно запознаени со своите права и обврски при вршењето на надзорот и се оптоварeни со голем број надзори врз нивното работење“, информираше министерот Манчевски.

Како што истакна тој, при подготовка на Предлог-законот биле земени предвид сите забележани недостатоци, а Законот одговара на сите од нив и нуди соодветно решение.

„Целта на Законот е надминување на неконзистентноста, слабостите и пропустите во практичната примена на одредбите на важечкиот закон. Поголема правна сигурност за субјектите на надзор со воведување на унифицирани правила за надзор и јасно утврдување на нивните права и обврски. Олеснувања за субјектите на надзор преку намалување на репресивниот карактер на надзорот и зголемување на бројот на инспектори преку поедноставување на условите за стекнување лиценца за инспектор. Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот надзор мора најпрвин да има советодавна улога. Субјектите најпрвин да добијат опомена и рок да ја отстранат неправилноста пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија. Овие измени на Законот конечно го предвидуваат тоа“, истакна министерот Манчевски.

На јавната расправа се обратија и претседателката на Инспекциски совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, и Методија Димовски од Инспекцискиот совет, кои се осврнаа на сите придобивки кои произлегуваат од новиот предлог текст.

Во текот на дискусијата беа отворени повеќе прашања и дилеми со цел подобрување на текстот на Законот.

Подготовката на новиот Закон за инспекциски надзор беше дел од проектот за модернизација на инспекциските служби, кој се реализираше во соработка со „Идеас депо“, а со поддршка на УСАИД Македонија.

М.В