/ Прочитано:

962

Јавна расправа за Предлог-законот за висока раководна служба

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците одржа јавна расправа за Предлог-законот за висока раководна служба, со која претседаваше претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски.

Тој во своето воведно излагање изрази задоволство од интересот за јавната расправа, истакнувајќи ги принципите на отвореност и транспарентност како основни начела на работата на Комисијата при носење на законски решенија за доброто на граѓаните.

На јавната расправа воведни излагања имаа министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски; Хавиер Систернас од „Сигма“; Фрeк Јанмат, претставник од  Делегацијата на ЕУ; а учество зедоа: проф. д-р  Борче Давитковски; проф. д-р Ана Павловска-Данева; Неда Малеска од граѓанскиот сектор; Невенка Стаменковска-Стојковски, дополнителен заменик-министер во МИОА; Миша Поповиќ, Институт за демократија; Елизабета Гроздановска, Сојуз на стопански комори.

Министерот Манчевски ја поздрави идејата за јавната расправа за Предлог-законот за висока раководна служба, како и воведувањето на нови стандарди на функционирање на политичкиот систем кај нас. Законските решенија се со цел решавање на еден проблем кој се провлекува подолго време, користејќи ги меѓународните искуствата, преку белгискиот и португалскиот пример, кои соодветствуваат на нашата политичка култура.

Се предлага формирање на Комисија за избор на висока раководна служба од единаесет члена, која ќе биде избрана во Собранието, во согласност со власта, опозицијата и стручната јавност, по примерот на ДКСК.

Систернас од „Сигма” подвлече дека нашата земја има добар систем за администрација, со можност за подобрување, но забелешките се во однос на именувањето на раководната служба кои не се во согласност со препораките во Извештајот за земјите кои пристапуваат кон ЕУ.

Систернас забележа дека во земјава и во  целиот регион се користи традиционалниот начин на именување на раководната служба од страна на релевантно политичко тело, без можност за натпревар, носејќи ризик од недостиг на капацитет, слаба меѓусекторска комуникација, спонзорирање на непотизам, а имањето систем за висока раководна служба ќе придонесе за делотворност на јавната служба, ефикасно управување со јавните средства, ефикасна администрација и враќање на довербата на граѓаните во институциите и ќе ја зајакне регенерацијата на политиката. Земјава е пример, пионер во регионот и соседните земји ќе го следат овој пример.

Претставникот од Делегацијата на ЕУ, Јанмат, задолжен за реформите во јавната администрација, истакна дека реформите во јавната администрација се клучни области кон пристапувањето на земјата кон ЕУ.

Професорот Давитковски ја поздрави идејата да се реши проблемот со политизација на раководните служби во јавната администрација, но исто така даде и забелешка да не се мешаат надлежностите на законодавната и извршната власт и да се алоцира формирањето на Комисијата од Собранието во извршната власт.

Додека, професорката Павлова-Данева ја истакна како позитивна унификацијата на условите, транспарентноста на постапката. Таа се согласи со Давитковски дека е неприфатливо да се прави мешање на законодавната со извршната власт бидејќи тоа се коси со Уставот и го истакна својот став против формирање на нови, парадржавни органи.

Од граѓанскиот сектор, Малеска истакна дека со новиот закон конечно ќе се демонстрира одговорност и ќе се врати довербата на граѓаните кон институциите. Таа истакна дека отворениот систем, транспарентноста на постапката и селекцијата на кандидатите имаат цел да ги привлечат најдобрите кандидати, кои ќе имаат јасна раководна одговорност преку имплементација на политиките и отчет за сработеното.

Дополнителниот заменик-министер во МИОА, Стаменковска-Стојковски, даде низа забелешки на текстот на предлог-законот, во иста насока како и претходно изнесените забелешки на професорите.

Поповиќ од Институтот за демократија смета дека со ова законско решение ќе се намали можноста за клиентелизам, додека за Гроздановска од Сојузот на стопански комори, законот содржи недоречености, контрадикторности, како и општи и апстрактни или неприменливи услови кои е многу тешко да се утврдат.

Усвоен текстот на Предлог-законот за висока раководна служба

Јавна расправа за Законот за висока раководна служба

Објавен текстот на Предлог-законот за висока раководна служба, за кој МИОА организира и јавна расправа

МИОА подготвува Закон за висока раководна служба

М.В