/ Прочитано:

1.615

Јавна расправа за пресудите на Европскиот суд за човекови права

На дневен рен на денешната анкетна Комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот е одржувањето на јавната расправа на тема: „Заштита на човековите права – Пресудите на Европскиот суд за човекови права“. Во рамките на расправата пред Комисијата ќе се дискутира и за Годишниот извештај за работата на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права за 2017 година.

„Република Македонија ја ратификуваше Европската конвенција за човекови права и основни слободи на 10 април 1997 година. Првите жалби против државата, поднесувани од страна на македонските граѓани и странски државјани, започнаа да пристигнуваат кон крајот на 1999 година.   Од ратификација на ЕКЧП во Република Македонија, а заклучно со 31.12.2017 година, владиниот агент на Република Македонија постапувал по вкупно 799 предмети по поднесени жалби до Европскиот суд за човекови права за наводни повреди на правата и слободите предвидени во ЕКЧП од страна на Република Македонија. Од нив 38 предмети во однос на 59 апликации се пристигнати во 2017 година“, се вели во извештајот.

„Перцепцијата на македонските граѓани за Европскиот суд како за четврта инстанца е особено видлива во делот на побарувањето за правична отштета, кое жалителите го истакнуваат со самото поднесување на жалба пред Европскиот суд, или пак во засебните барања за материјална и/или нематеријална штета, како и трошоци во постапката.

Во најголем дел од случаите жалителите од Европскиот суд бараат тој да пресуди како финансиска отштета износ кој соодветствува на сумите за кои тие сметаат дека им биле ускратени во текот на постапката пред домашните судови, односно имотните барања предјавени во домашните постапки.

Сепак, Европскиот суд никогаш не се впушта во преоценување на мериторноста на одлуките на органи/судови, туку секогаш се задржува само на утврдување на фактот: дали во постапките е повредено одредено право согласно одредбите на Конвенцијата. Оттука, евентуалната сума што судот ќе ја одреди како надомест за правична отштета секогаш ќе се однесува на правичен надомест заради повредување на правата на жалителите од Конвенцијата, а не за нивна отштета како исходот од домашните постапки.

Впрочем, и согласно праксата на Европскиот суд, целта на институтот правична отштета, така како што е дефиниран и разработен според членот 41 од Конвенцијата, не е збогатување на жалителите кои ќе го добијат спорот против државата, туку неговата улога е да ги направи стандардите во областа на човековите права јавни и обврзувачки. Со други зборови, овие стандарди не се неизбежно и исклучиво врзани со лукративниот аспект од жалбата пред Европскиот суд, напротив овој рестриктивен пристап супстанциелно ги намалува истите. Практично, целта на механизмот на Европската конвенција е супсидијарен, односно правата е потребно да бидат првенствено заштитени во домашниот правен систем“, се додава во извештајот.

М.В