/Прочитано:

362

Јавна расправа за Законот за висока раководна служба

Министерството за информатичко општество и администрација организираше јавна расправа за Предлог-законот за висока раководна служба. На настанот се обратија министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, државниот секретар на МИОА, Јахи Јахија, и извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска.

Како што подвлече министерот Манчевски, професионална, департизирана администрација, во служба на граѓаните е основната заложба на МИОА и Владата. Со новиот Закон за висока раководна служба се оди чекор понапред во реформата на јавната администрација, а тоа е едно од клучните барања на граѓаните, но и на Европската Унија.

„Целта на оваа реформа е поставување на јасни стандарди и критериуми, како и полна транспарентност при изборот и при разрешувањето на раководителите на институциите во Северна Македонија. Во минатото токму високите раководни службеници беа механизмот за вршење притисок врз вработените во администрацијата. Северна Македонија е првата земја од регионот којашто воведува јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Целта е зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и правична застапеност. Со овој концепт ќе се постигне професионализација на високите раководни позиции“, истакна министерот Манчевски.

Како што информираше државниот секретар, во Законот се предвидени повеќе тела во процесот на избор. Имено, се формира Комисија за висока раководна служба како постојано колективно тело одговорно за спроведување на постапката за селекција на високите раководители. Таа комисија ја бира Комисија за избор на членови како привремено колективно тело кое го формира Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието на Република Северна Македонија. Понатаму во процесот се формира и Одбор како привремено колективно тело, кое го формира Комисијата за висока раководна служба, одговорно за спроведување на поединечна постапка за селекција на висок раководител.

Неда Малеска се осврна на важноста од носењето на овој закон за враќањето на довербата на граѓаните во институциите.

„Законот јасно упатува на одредени вредности кои треба да ги негуваме во наредниот период, а тоа е дистинкцијата помеѓу политичкото и професионалното ниво. Конечно имаме, едно централно место, каде што низ отворена и конкурентна постапка се нуди можност на секој граѓанин да аплицира за ваквата позиција.  Ова упатува на тоа дека Владата порачува дека ѝ се потребни најдобрите и  најквалитетните кадри и од администрацијата, но и од бизнис-сектор, од граѓанската заедница, од сите сегменти на општеството. Исто така, со овој закон се дефинираат раководната одговорност и линиите на отченост. Пораката е дека треба да се професионализира службата и да работи во државен интерес и во интерес на сите граѓани“, рече Малеска-Сачмароска.

Таа ја потенцираше и важноста на тоа дека за прв пат се воведува оценување и на раководителите – пракса што досега не постоеше, односно се оценуваа само административните службеници.

Во рамките на јавната дискусија се отворија повеќе прашање, а беа доставени конкретни забелешки и предлози за подобрување на текстот. Заклучокот на сите присутни беше дека со Законот за првпат се прави голем исчекор во професионализацијата и департизацијата на јавната администрација.

Објавен текстот на Предлог-законот за висока раководна служба, за кој МИОА организира и јавна расправа

МИОА подготвува Закон за висока раководна служба

М.В