/ Прочитано:

2.349

Јавна расправа за законските измени за воведување заедничко родителство по разводот

Денеска во собраниската Комисија за труд и социјална политика се одржа јавна расправа на тема „Предлог-законски измени за воведување заедничко родителство по развод”.

На денешната расправа беше нагласено дека разводот на бракот не значи престанок на родителството, така што родителите одговорно и еднакво треба да се грижат за детето и по разводот.

Во таа насока, беше истакнато дека Граѓанската иницијатива за воведување на заедничко и одговорно родителство по разводот предлага низа решенија, со кои, како што потенцираат од иницијативата, ќе се надмине неправедната положба во однос на остварувањето на родителските права по разводот, а во насока на воведување заедничко старателство. Имаме, нагласија од иницијативата, и конкретни законски предлози и подзаконски акти засновани на темелни анализи.

„Во таа смисла, предлагаме укинување на практиката на доделување на децата кај еден родител по разводот, а заедничкото родителство да стане правило, освен во одредени исклучоци“, истакнаа членовите на иницијативата, додавајќи дека потребен е и нов систем за одредување и воведување алиментација, како и воведување семејна извршителска служба.

„Понатаму, неопходно е да се основаат советувалишта по постапката на развод, регулирање на постапките во центрите за социјална работа, санкционирање на лажните пријави за насилство, педофилија или злоупотреба на деца и регулирање на можноста за патување на децата до 14 возраст“, беше истакнато на денешниот настан во врска со предлозите на иницијативата.

Наум Рибароски вели дека тие како иницијатива предлагаат нов концепт со кој двата родитела и по разводот ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак.

„Мора да се променат сфаќањата, како и законот. Време е војните меѓу родителите да престанат“, рече Рибароски, нагласувајќи дека не смее да се дозволи фрустрациите на родителите да бидат над интересите на децата.

„Заедничкото и одговорно родителство и по разводот треба да биде насочено кон она што е најважно, а тоа е најдобриот интерес на детето. Тоа не треба да чувствува дека по разводот е  виновно за тоа и треба да живее нормален живот, во опкружување полно со живот и внимание од двата родитела подеднакво. Тоа не треба да се става во ситуација да избира“, рече Драги Змијанац од „Меѓаши“.

„Детето никогаш не треба да се стави во ситуација да избира меѓу двајцата родители. Од особена важност за детето се поддршката и љубовта од двајцата родители. Тоа не треба да се отуѓува од родителот. Разводот треба да биде престанок на бракот, а не престанок на родителството.  За детето е важно да знае дека двајцата родители донеле одлука за развод и дека тоа не е виновно за таа ситуација“, посочи Змијанац.

На настанот говореше и Драги Целевски од Канцеларијата на Народниот правобранител. Според него, со вакви законски измени и промени ќе се помогне во создавањето систем кој ќе ги штити децата по разводот.

„Нетрпеливоста, меѓусебниот реваншизам и некомуникацијата на родителите и поранешните сопружници е ненадминлива пречка за детето непречено да ги остварува своите права. Детето треба да престане да се користи како инструмент за меѓусебно одмаздување, при што се занемарува една од главните обврски на разведените родители – грижата за детето“, рече Целевски.

Јавна расправа за предлогот да се воведе заедничко родителство по разводот

НАЦИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА: Воведување на заедничко родителство и по развод во Македонија

РАЗВОДОТ НА БРАКОТ НЕ ЗНАЧИ ПРЕСТАНОК НА РОДИТЕЛСТВОТО: Родителите треба одговорно и еднакво да се грижат за детето

Д-р Наташа Најденова-Левиќ, адвокатка, за проблемите во остварувањето на правото на видување на детето со родителот со кој не живее

РОДИТЕЛИ БАРААТ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Заедничко старателство и одговорно родителство и по развод

М.В