/ Прочитано:

1.384

Јавна седница на Апелацискиот суд за жалбата на Груевски кој вели дека не го суди судот, туку политиката

Денеска Апелацискиот суд треба да ја продолжи јавната седница за жалбата на првостепената пресуда за Никола Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.  За случајот „Тенк“ Груевски е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски, е осуден на шест години затвор. За истиот предмет кој се однесува за набавката на службен мерцедес се води одвоена постапка и против поранешната министерката за внатрешни работи Градана Јанкуловска.

Груевски од прес-конференцијата во Собранието на РМ најави дека денеска  нема да се појави во Апелацискиот суд и дека на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што нагласи, и онака одлуката е политички веќе донесена и дека целта е да биде затворен пред претстојниот референдум. Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а за судиите рече дека се професионални, но дека работат под притисок.

„Ниту јас, ниту моите адвокати нема да се појавиме на седницата. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука“, рече Груевски.

„Ако судиите се толку исплашени и подлегнале на политичка нарачка, ете им можност без мене да донесат каква сакаат пресуда. Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ, за бранењето на државните интереси. Ќе дојде времекога народот ќе си ја врати власта во свои раце и кога ќе се преиспитаат ваквите одлуки.Мене не ме суди судот, туку политиката. Сè ќе се издржи и ќе помине, но нема да се заборави. Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев“, додаде тој.

Апелацискиот суд Скопје во целост ги демантира наводите изнесени на прес-конференцијата од Никола Груевски во врска со предметот „Тенк“, оценувајќи ги како груба невистина и манипулација со јавноста.

„Наводите на обвинетиот се во целост невистинити, исконструирани и тенденциозни со цел да се дискредитира Судот и да се создаде лажна перцепција во јавноста дека судството е под притисок на власта и носи нарачани одлуки“, соопштија од Апелација.

„Јавната седница е закажана согласно Закон, по барање на обвинетите и нивните бранители за која беа определени два дена, со цел одбраната и обвинетите да ги изнесат нивните наводи во врска со обжалената пресуда. Времетраењето на јавната седница одржана на 31.08.2018 година беше пролонгирано поради последователни – едно подруго поднесувани барања на одбраната за изземање на судиите, со јасна цел истата да не се одржи, поради која причина и се одолговлекуваше траењето на јавната седница, а која по нејзиното започнување беше прекината и за продолжението на истата дополнително беше определен уште еден термин, усогласен со одбраната и обвинетите“, се наведува во соопштението од Апелацискиот суд Скопје.

Со ова соопштениедемант, реагираше Груевски, за жал,Апелацискиот суд само го потврди она што го објавив, а наскоро и на дело ќе го покаже тоа кога ќе ја објави одлуката.

„Од соопштението демант на Апелацискиот суд не само меѓу редови, туку и директно се чита пристрасноста на оној кој го креирал текстот на овој демант и се наѕира веќе донесената одлука за мое прогласување за виновен, иако ниту имам сторено кривично дело, ниту постојат докази за такво нешто, ниту судската постапка во прв степен е соодветна, ниту пак по закон можат да вршат гонење за нешто што има и релативна и апсолутна застареност, а во корелација со членот30 од КЗ. Судот си дозволил во одговорот јавно да се пресметува со мене, обвинувајќи ме дека со остварувањето на моите права, кои се сосема оправдани во правец на барање неколку изземања, всушност, дека сум сакал да го одолговлекувам судењето“, вели Груевски.

Предметот „Тенк“ се однесува на набавката на службен мерцедес. Во обвинението се вели дека во 2012 година обвинетиот Никола Груевски, како претседател на Владата на Република Македонија, со искористување на своето реално влијание и службена положба, побарал од обвинетата Гордана Јанкулоска, службено лице министерка за внатрешни работи во Владата, да се изврши службено дејство кое не би смеело да се изврши, и тоа јавна набавка во која МВР ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило од марката „мерцедес“.