/ Прочитано:

1.182

Јавниот обвинител до политичките партии: Не мешајте се во вршењето на јавнообвинителската работа

Јавниот обвинител на РМ, Љубомир Јовески, апелира до политичките партии да не вршат притисок и да не се мешаат во вршењето на јавнообвинителската работа. Обвинителите, изјавува Јовески во соопштението што го објави ЈОРМ, својата работа ја вршат и одлуките ги носат и ќе ги носат исклучиво врз основа на одредбите од законот и изведените докази.

„Со моето доаѓање на функцијата јавен обвинител на Република Македонија ветив дека одлуките нема да се носат врз основа на желби на партиските штабови или центри на моќ. Професионализацијата и враќањето на довербата во Обвинителството ми се основни принципи при вршењето на оваа одговорна функција.

Политичките партии, без разлика дали се на власт или во опозиција, без разлика на етничка припадност, се заложија дека ќе ги тргнат рацете од Обвинителството, дека ќе ја почитуваат неговата самостојност и дека ќе се залагаат за вистински реформи во правосудниот систем. Затоа барам и во случајот што деновиве ја бранува јавноста да постапуваат во согласност со нивните јавно искажани и декларирани принципи.

Ве уверувам дека и за трагичниот настан во кој животот го загуби четиригодишниот Алмир Алиу се постапува неселективно, непристрасно, професионално и врз основа на законот.

Исто така, апелирам при коментирањето и оцените за конкретниот кривичноправен настан да се земат предвид сите докази и факти од целиот настан. Само со целосна анализа на доказите се утврдува материјалната вистина и кривичната одговорност.

Политичките субјекти, доколку се сомневаат или доколку имаат забелешки на мојата професионална работа, можат да побараат мое разрешување. Додека ја вршам функцијата јавен обвинител на Република Македонија, сторителите ќе бидат третирани врз основа на фактите и стореното кривично дело, а не врз основа на етничка или партиска припадност“, соопштува јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески.

М.В