/ Прочитано:

2.391

ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НА РМ: Јавните обвинители во основните јавни обвинителства треба да се првите заштитници на правната држава

Новиот јавен  обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески, одржа прва работна средба со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.

 „Јавните обвинители во основите јавни обвинителства се столбовите на обвинителската организација и тие треба да се првите заштитници на правната држава и на почитувањето на човековите права“, истакна јавниот обвинител Јовески на првата работна средба со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.

Говорејќи за поставеноста на јавнообвинителската професија, јавниот обвинител на Република Македонија ја истакна целта кон која ќе се стреми во натамошното работење – на институцијата и на професијата јавен обвинител  да им се вратат угледот и авторитетот, почитта и законитоста во постапувањето.

Особен акцент Јовески даде на самостојноста во постапувањето на јавните обвинители, истакнувајќи дека негова заложба која им ја гарантира на  јавните обвинители е дека во своето работење нема да бидат изложени на притисоци. Нивната основна задача е  да се почитуваат и да се спроведуваат законите, да се разменуваат правни мислења, да се решаваат предметите во време и на начин што ќе ја гарантираат законитоста.

Јавното обвинителство на Република Македонија е единствен самостоен државен орган кој е гарант на заштитата на правата на граѓаните на Република Македонија и на владеењето на правото. Токму затоа, истакна јавниот обвинител на Република Македонија, сите имаме одговорност за своето работење, која во иднина ќе биде квантитативно и квалитативно вреднувана.

На средбата со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, Јовески побара во следниот краток период да ги преземат сите потребни дејствија по предметите по кои постапуваат, да донесат правични и законски одлуки, засновани врз утврдени докази.

На првата работна средба, преку своето обраќање јавниот обвинител на Република Македонија ги увери присутните дека во институцијата ќе се решаваат наталожените проблеми и прашањата кои бараат решенија и дека угледот на јавното обвинителство ќе соодветствува на законските надлежности и професионалниот повик.

M.В