Јавниот обвинител на РМ оствари средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје
Јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески, оствари средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.
На средбата присуствуваа и Нинослав Василевиќ, раководител на Отсекот за демократско владеење и општествена кохезија, и Елена Хаџи-Антоновски, виш правен асистент во мисијата на ОБСЕ во Скопје.
На состанокот беше изразена заемна благодарност за досегашната соработка и беа истакнати заложбите за зајакнување на соработката во иднина. Тема на состанокот беа предложените законски решенија за Јавното обвинителство и за Советот на јавните обвинители, со кои, како што истакна Јовески, се предвидуваат подобри решенија, зајакнување на одговорноста на јавните обвинители и ефикасност во работењето.
Стана збор и за статусот на Специјалното јавно обвинителство како иден сегмент од јавнообвинителската мрежа. Особен осврт Јовески даде на потребата од идна интензивна соработка помеѓу органите на прогонот, а во насока на функционирање на нови истражни центри, заеднички тимови, едукации и интерсекторска соработка за гонење на современите облици на криминал.
Присутните се согласија и околу потребата од натамошна поддршка во насока на зголемување на транспарентноста и зајакнување на довербата на јавноста во работата на Јавното обвинителство на Република Македонија.
М.В