/ Прочитано:

1.302

 Јавноста како сведок и учесник во создавањето на законите

Процесот на Проценка на влијанието на регулативата во Македонија се спроведува од 2009 година. Постапката треба да овозможи донесување одлуки, закони и политики засновани на истражувања, анализи, докази и факти од министерствата и Владата, со вклученост на сите засегнати страни, меѓу кои и пошироката јавност.

Процесот од почеток на спроведувањето имаше иницијален напредок, но во последните години се соочува со низа предизвици. Во целиот овој период, посочуваат од  Институтот за демократија „Социетас цивилис” и Центарот за економски анализи, запознаеностa на јавноста со овој инструмент е на ниско ниво, што резултира со мала искористеност на алатките од процесот на проценка на влијанието на регулативата, кои овозможуваат вклучување на граѓаните и заинтересираните страни во создавањето на законите и политиките.

Институтот за демократија „Социетас цивилис” – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за економски анализи (ЦЕА) спроведоа истражување на јавното мислење за перцепцијата на јавноста во врска со ПВР преку теренска анкета на репрезентативен национален примерок од 1000 испитаници, во периодот од 20 септември до 20 октомври 2017 година. Истражувањето е активност во рамките на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази“, финансиски поддржан од Делегацијата на Европска Унија. Истражувањето ги испитува перцепциите, ставовите и искуствата на граѓаните од неколку аспекти поврзани со процесите на ПВР.

Со анкетата се испитуваат ставовите на граѓаните околу довербата и соработката со институциите, перцепцијата за управувањето, квалитетот на легислативата и правната сигурност. Наодите од истражувањето на јавното мислење ќе послужат за подобро насочување на активностите кон зголемување на граѓанското учество во процесите на подготовка на законите и политиките. Според податоците од истражувањето:

– Процесот на проценка на влијанието на регулативата останува непознат за голем дел од јавноста. Од анкетираните граѓани 77 % воопшто не слушнале за оваа алатка.

– Државната администрација е една од клучните алки за спроведување на ПВР, но сепак 72 % од граѓаните кои одговориле дека се вработени во државниот сектор воопшто не слушнале за ПВР.

– Граѓаните сметаат дека консултациите со засегнатите групи при носењето или при менувањето на законите во државата не е честа пракса. Кога се спроведуваат такви консултации, перцепцијата е дека најчесто се прашува бизнис-секторот, а најретко граѓанските организации.

– Поголем дел од граѓаните сметаат дека при изработката на законите и прописите не се користат истражувања.

– Секој втор од анкетираните граѓани (53 %) смета дека Владата и Собранието не прават проценка на трошоците од воведувањето на некое ново законско решение

– Секој втор граѓанин смета дека при проценка на влијанието на регулативата треба да се испитаат и економските и социјалните влијанија кои може да ги има промената на постојната легислатива или воведувањето нова.

– Повеќе од половината од анкетираните не се согласуваат со праксата на усвојување на законите и прописите во скратена постапка.

Државните институции треба да посветат внимание кон поголемо информирање и обучување на вработените во државната администрација за процесот, за придобивките и за последиците од примената на проценката на влијанието од регулативата. Потребно е државните институции да го зголемат користењето на електронските платформи кои се дел од системот на процесот на влијанието на регулативата, како интернет-страниците Единствен електронски регистар на прописи – ЕНЕР и Е-демократија.

Министерствата кои најчесто се јавуваат како иницијатори на закони и законски измени, се вели во истражувањето, потребно е да ја вклучат јавноста во подготовката на новата легислатива уште во фазата на планирање на нејзиното донесување.

Владините институции на своите страници да почнат да ги објавуваат нацрт- предлозите за закони или законски измени. Потребно е поголемо промовирање во јавноста на електронските платформи ЕНЕР и Е-демократија и достапните начини кои овозможуваат граѓаните да ги коментираат предложените промени на легислативата. Владата и парламентарното мнозинство, се резимира во истражувањето,  потребно е драстично да го намалат усвојувањето на законите и законските измени во скратена постапка.

Извештај: Јавноста како сведок и учесник во создавање на законите

M.В