/ Прочитано:

993

Јавното обвинителство поднесе барање за истрага против битолскиот обвинител до Одделението за организиран криминал на Основен суд Скопје 1

Четврток, 21 февруари 2013 – Јавното обвинителство поднесе барање за спроведување истрага до Одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1,  против битолскиот обвинител С.Т., неговиот возач и останатите лица кои вчера беа уапсени под сомнение дека обвинител противзаконски посредувал и ги заштитувал тројцата осомничени за трговија со оружје. 

„Барањето за спроведување истрага е поднесено врз основа на постоење на висок степен на основано сомнение дека наведените лица го извршиле кривичното дело, а во текот на истрагата, ќе се обезбедат сите релевантни докази во врска со кривично правниот настан. Воедно, обвинетите ќе имаат можност да ги изнесат нивните аргументи за тоа и евентуално да предложат соодветни докази кои би биле изведени во текот на истражната постапка“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство на РМ.

С.Т. од Прилеп, поранешен прв човек на Обвинителството во Битола и актуелен заменик-обвинител, беше уапсен вчера во полициска акција заедно со неговиот возач. Наводно криел во фиока кривични пријави и со тоа заштитувал локални криминалци. Во поновата македонска историја имало случаи кога за обвинители постоеја сомневања за злоупотреба, но првпат некој е уапсен.

По апсењето бил однесен во Скопје, каде што се води истрагата за овој случај. Наводно се уапсени и неговиот возач и уште 3 лица што тој ги заштитувал, а пронајдено било и нелегално оружје.

Министертството за внатрешни работи денеска ќе ја извести јавноста за деталите од случајот. Вчера полицијата вршеше претрес во домовите на осомничените во Прилеп и Битола. Засега според неофицијални извори обвинителот е под сомнение за злоупотреба на службената положба.

С.Т. беше основен јавен обвинител во Битола од периодот 2001 до 2011 година. Во последните две години на негово место беше назначен Петар Аневски, а потоа Ристо Пашовски. Од пред две години тој е заменик-јавен обвинител во битолското обвинителство.

Во времето додека беше прв човек на битолското обвинителство се водеа неколку крупни истраги. Меѓу позвучните се оние на струшкиот макро Бојку Леку, па на Јован Вранишковски, а се работеше и на кривичните пријави против директорот на „Жито Битола“.