/ Прочитано:

1.950

ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА НАСТАНИТЕ ВО СОБРАНИЕТО: Будно ги следиме настаните и соодветно ќе постапиме

Близу стотина лица се повредени во синоќешните немири во Собранието на Република Македонија, се вели во денешното соопштение на Министерството за внатрешни работи. Будно ги следиме настаните, велат од Јавното обвинителство на Република Македонија.

„До 23:30 часот во Градската општа болница ‘8 Септември’, Градската болница ‘Св. Климент Охридски’ и Клинички центар, лекарска помош побарале 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца  пратеници. Дополнително во касарната ‘Ѓорче Петров’, лекарска помош им е укажана на уште седум лица“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Вчерашниот инцидент во македонското Собрание се случи откако демонстранти, револтирани од гласањето за Талат Џафери за претседател на Собранието,  влегоа во законодавниот дом и нападнаа пратеници, меѓу кои лидерот на СДСМ Зоран Заев и лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села. Подоцна полицијата ги евакуираше пратениците, поставувајќи и метални барикади на влезовите од Собранието на Република Македонија.

Советот за етика во медиумите (СЕММ), по вчерашните инциденти во Собранието на Република Македонија, во кои беа нападнати и новинарски екипи од неколку медиуми, апелира за итна реакција на полицијата и Јавното обвинителство и за преземање на неопходните мерки за расветлување и расчистување на инцидентите.

Хелсиншкиот комитет го повикува Секторот за внатрешна контрола при МВР и Јавното обвинителство да спроведат итна истрага за утврдување на одговорност кај сите инволвирани во, како што велат од Комитетот, насилните немири.

Од Јавното обвинителство на Република Македонија велат дека будно ги следат настаните. Во текот на вчерашниот ден, велат од ЈО, беа воспоставени и вонредни дежурства. Надлежните јавни обвинители  во континуитет  се  во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи.

„Се преземаат дејствија за расветлување на настаните и утврдување на фактите. Во согласност со своите надлежности, Јавното обвинителство ќе постапува во сите случаи каде што ќе биде утврдено постоење на  елементи на сторено кривично дело и за секој од настаните по документирањето ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука“, велат од Јавното обвинителство на Република Македонија.

За настаните во Собранието се огласија и од Европската Унија и САД, кои ги осудија насилствата во македонското Собрание и повикаа на почитување на Уставот, демократските принципи, пристојност и разум.

„Најсилно ги осудуваме тековните напади врз членови на Парламентот во Скопје. Насилството во Парламентот е целосно неприфатливо и повикуваме на смиреност и воздржаност“, велат во заедничката изјава високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан.

„Најостро го осудуваме насилството во Собранието. Тоа не е во согласност со демократијата и е неприфатлив начин за решавање на разликите. Клучно е сите страни да ги почитуваат демократските процеси и законот и да се воздржат од насилни акции кои можат да ја влошат ситуацијата“, истакнаа од Американската амбасада во РМ.

М.В