/ Прочитано:

2.194

Јавното обвинителство заслужува посебно место во општествено-политичкиот живот, со атрибути на независност и самостојност – ДОЦ. Д-Р ЛИДИЈА РАИЧЕВИЌ, ОБВИНИТЕЛКА ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ

 „Моќта, дадена на јавните обвинители како носители на јавнообвинителската функција, не смее да се довери во рацете на неетични и нискоморални луѓе кои границата меѓу добро и лошото ја поместуваат по сопствено наоѓање интерес. Тоа е опасна состојба на која не може да ѝ се спротивстави ниедна теоретска заложба за почитување на правата. Моќта во рацете на поединци без етички и морален корпус кои можат да го издржат товарот на оваа функција е остро сечиво чиишто убоди не можат да се санираат секогаш“, вели во заклучоците од својата книга ’Улогата на јавниот обвинител во казнено – правниот систем’, обвинителката за организиран криминал, доц. д-р Лидија Раичевиќ.

Раичевиќ, која денеска ја промовираше својата прва книга, истакнува дека во време кога казнено-поправниот систем со воведувањето на ЗКП помина низ сериозни историски реформи, потребата да се зборува за јавнообвинителската професија е повеќе од насушна.

„Изминува една година откако го применуваме новиот Закон за кривичната постапка и во тој период се забележуваат одредени недостаци, меѓутоа се забележуваат и голем број придобивки за кои имам перцепција дека можат да се исползуваат доколу се укаже како треба да се применува Законот. Еден од мотивите за објавување на книгата беше токму тоа, и во содржината на текстот можат да се најдат техники како треба јавниот обвинител да совлада одредени фрустрирачки моменти бидејќи тој е фигура којашто треба да гони, но истовремено треба да заштитува и да гарантира закон“, вели таа.

Според Раичевиќ, јавното обвинителство како институција заслужува свое посебно место во општествено-политичкиот живот, со атрибути на независност и самостојност, ослободено од хиерархија и субординација, со карактеристики на посебен вид власт којашто ќе има значаен придонес во концептот на владеење на правото и правната сигурност на државата.

„Книгата пред сè е насочена кон обвинителите. Но, во првиот дел, каде што зборувам за институциите, се обидов да направам позиционирање на Обвинителството во однос на извршната и на законодавна власт: колку може тоа да биде независно, дали е потребна апсолутна независност. Не можете да зборувате за апсолутна независност ако знаете дека организационата структура на Обвинителство зависи од извршната власт и од законодавната власт, ако финансиските капацитети на институцијата зависaт од некои други власти. Не може да се зборува за независност во извршувањето на функцијата јавен обвинител ако не постои институционална независност. Но, јас тврдам дека независноста на јавното обвинителство ќе се постигне во оној момент кога сите ние индивидуално како носители на јавни функции ќе бидеме независни професионални, стручни со чувство на одговорност, кога ќе го применуваме законот така како што пишува, како што бара тој, а не некој друг“, смета таа.

Она што позитивно ги изненади присутните на промоцијата, меѓу кои обвинители, судии, адвокати и универзитетски професори, и ги предизвика нивните емоции изнудувајќи притоа громогласен аплауз, беше драмскиот перформанс по текст напишан од Раичевиќ, изведен од младата актерка Емилија Мицевска, со кој се долови работното секојдневие на обвинителот, кој постојано е соочен со тажни човечки судбини.

„Текстот им го понудив на неколку наши драмски актери и сите беа воодушевени. Меѓутоа, ова не го кажувам за да истакнам некакви мои способности во таа област кон која, впрочем, немам афинитети. Кога драмските актери ја доживуваат оваа работа на еден сензитвен начин, тоа само по себе кажува дека станува збор за една многу тешка и чувствителна работа. Работа што е психолошки тешко да се издржи. Целта со перформансот ми беше таа, сакав тоа да се пренесе на во публиката во која имаше луѓе коишто воопшто немаат претстава за обвинителската работа. И обвинителот плаче, тагува, но тој мора да ја изврши својата должност. Впрочем, јас ги гледав изразите на лицата и видов дека ја постигнав целта. Тоа е обвинителскиот живот“, вели Раичевиќ, која повеќе од 20 години ја врши обвинителската професија

Раичевиќ смета дека е привилегија да се биде обвинител, но, како што наведува и во книгата, не секој може и треба да ја врши оваа професија.

„Тоа го имаат само одредени луѓе. Сè додека ја вршите оваа работа, додека ви е дадена таква можност, додека сте именуван, треба да се носите со сите тешкотии и предизвици што ги носи денот, покрај сите неправди што мора да ги издржите во кадровските решенија, покрај сите неконзистетни законски решенија. Сепак, покрај сите тешкотии, да бидете обвинител, да чекорите како обвинител, да работите како обвинител значи да чувствувате моќ, да чувствувате право дадено од страна на државата да делите право, а тоа не е мала работа“, истакнува таа.

Обвинителството да ја искористи шансата и да стане еден вид контролор на полицијата и на извршната власт, а не нивни слуга

Проф. д-р Гордан Калајџиев, кој еден од рецензентите, посочува дека во книгата е објаснета процесната трансформација на Јавното обвинителство од една централизирана етатистичка институција во една модерна алатка на правната држава.

„Се работи за многу важна тема којашто не е обработувана посериозно, иако Обвинителството веќе помина низ сериозни реформи. Не зборуваме за негова трансформација само во казнено-правниот систем, туку за важната трансформација што се одигра во политичкиот систем, бидејќи Обвинителството сè повеќе добива квалификативи на независност и полека се трансформира од орган на извршната власт во орган на некаква правосудна власт во поширока смисла. Токму обезбедувањето на оваа важна трансформација на обвинителството од еден вид слуга на полицијата и извршната власт во еден вид нивни контролор е сложена задача. Ние имаме направено сериозни исчекори на нормативен план, со кои се занимава овој труд за да ги осветли концепциски, што досега не е направено“, вели тој.

Според универзитетскиот професор и еден од креаторите на новиот ЗКП , посериозната задача, односно предизвикот се состои во извлекување на овие реформи од нивото на академски концепти и нормативни решенија и создавање нивна применливост во практиката, при што обвинителството навистина би станало орган што ќе гаратира законитост и заштита на човековите права на граѓаните.

„Ние во Македонија сме негде на половина пат. Би било добро шансата што е дадена со новиот Закон за кривична постапка да се претвори во фактор што ќе игра важна улога и во кривично-правниот систем, но и во политичкиот систем, како гарант на законитоста. Од друга страна, ова нè враќа на проблемите, на македонската реалност дека многу органи, вклучително и обвинителството, сè уште се соочени со сериозни проблеми и од аспект на политизираност и од аспект на професионалност. Тоа покажува дека задачата што е пред нив и одговорноста што ја имаат е посложена отколку што изгледа на прв поглед“, нагласува Калајџиев.

Размислувањата на обвинителката Раичевиќ за физиономијата на јавното обвинителство се презицизни, систематични и веродостојни, смета доц. д-р Атанас Козарев, исто така рецензент на книгата. Според него, авторот покажува оригиналност во пристапот, поттикнува научен интерес и дискусија меѓу теоретичарите и практичарите, што оди во прилог на новите научни сознанија.

„Актуелноста на проучуваната проблематика е надвор од секое сомнение. Оттука, со големо задоволство може да се нотира дека во книгата се истражува една особено актуелна тема, во време кога Јавото обвинителство во Република Македонија е соочено со еден од најголемите предизвици во својата историја – да биде носител на големата реформа на казнено-поправниот систем. Не само што се менува улогата на јавното обвинителство во казнената постапка со менување на нејзиниот модел, туку сериозно се трансормира и улогата на оваа институција кај нас и во светот“, потцртува Козарев.


Автор: Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 24.12.2014