/ Прочитано:

2.588

ЈАЗИКОТ И ТОЛКУВАЊЕТО НА ПРАВОТО НА ЕУ: предизвиците за правото и правните професии во Македонија

Темата за јазикот и толкувањето на правото на ЕУ за првпат се отвора на домашен план, а целта е да се сфати потребата од наоѓање можни решенија со цел да се совладаат предизвиците што произлегуваат од јазикот и толкувањето на правото на Европската Унија, а во контекст предизвиците за правото и правните професии во Македонија. Ова беше потенцирано на Колоквиумот по правна семиотика во рамките на Конференцијата „Јазикот и толкувањето на правото на ЕУ: предизвиците за правото и правните професии во Македонија“, во организација на Европската асоцијација на студенти по право во Република Македонија (ЕЛСА), која се одржана Правниот факултет „Јустинијан Први“.

akad 2

На Конференцијата свои излагања имаа професорите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд,  која говореше за „Јазикот и толкувањето на правото во Европската Унија“, и доц. д-р Александар Спасов, кој се осврна на темата „Евроинтеграцијата на Република Македонија, јазикот и толкувањето во правото: предизвикот за правните професии“.

Плурализам на правни традиции – плурализам на правни јазици

„Јазикот на правото не го означува само јазикот на правната норма, туку ја означува и смислата и целта на правото. Јазикот на правото е рефлексија на правната култура, но и практичен израз на духот на правната норма“, беше нагласено на настанот, на кој едно од централните прашања беше остварувањето на евроинтеграцијата преку правото и практичното значење на јазикот во правото и толкувањето на правото на Унијата во таа смисла.

akad 2

Поаѓајќи од онтолошката природа на Европската Унија како правно-политички ентитет, професорката Каролина Ристова-Астеруд во своето излагање се осврна кон прашањето за ЕУ како нов посебен облик на европски полис заснован на федералистичка логика и принципи и  на евроинтеграцијата која особено се остварува преку правото, и тоа преку директен ефект и супрематија на правото на ЕУ.

akad 2

Професорката истакна дека  плурализмот на европскиот правен простор се одликува со плурализам на јазици и режим на правните јазици во Европската Унија,  што е во согласност со нормативно утврдените цели дека Унијата ќе ја почитува својата богата културна и јазична разновидност.

Таквата разновидност, додаде професорката, се согледува и преку плурализмот на правните традиции, правните семејства и правните култури, и тоа континенталноевропски, англосаксонски, скандинавски.

akad 2

„Во ЕУ постојат 24 официјални јазици, кои се и работни јазици во ЕУ, потоа три официјални писма, латинично, грчко и кирилско. Исто така, постои и  супсидијарност за малцински или регионални официјални јазици во рамките на државите членки, во согласност со уставните уредувања на државите членки или одредени аранжмани  за ограничена употреба на ЕУ“, рече Ристова-Астеруд.

Таа образложи дека секој документ што ќе го испрати држава членка, или друг првен субјект под нејзина надлежност, до институција на ЕУ на еден од официјалните јазици избран од испраќачот,  ќе добие одговор на истиот јазик.

akad 2

Режим на (правните) јазици во ЕУ

Како што образложи професорката, во ЕУ, исто така, постои и режим на  правните јазици. Според содржина на Регулативата бр. 1 (1958/2013), документите што ќе ги испраќа институција на ЕУ до држава членка или до друг првен субјект под нејзина надлежност ќе ги испраќа на нејзиниот официјален јазик. Регулативите и другите акти од општа примена на ЕУ ќе бидат подготвувани и објавувани на сите официјални јазици на ЕУ, додека, пак, Службениот весник на ЕУ ( Official Journal of the European Union) ќе биде објавуван на сите официјални јазици.

„Во таа насока, институциите на ЕУ во своите процедурални правила можат да предвидат кои од официјалните јазици ќе ги користат во одредени специфични случаи. Исто така,  јазиците што ќе бидат користени во постапувањето пред Судот на правдата на ЕУ ќе бидат регулирани со процедуралните правила на оваа институција“, рече професорката Ристова-Астеруд.

Правниот јазик на примарните и секундарните извори на правото на ЕУ
Говорејќи за јазикот на примарните и секундарните извори на правото на ЕУ, професорката рече дека во  основачките договори се прецизира дека јазичните верзии на сите официјални јазици во ЕУ се „подеднакво автентични“ за правна примена и толкување. Ако има спор, нагласи таа, се земаат предвид сите верзии, додека, пак, договорите за пристапување на нова држава членка во ЕУ , исто така имаат ист режим. Секундарните извори на правото на ЕУ, во кои спаѓаат регулативи, директиви, одлуки, препораки, мислења, прво се напишани на англиски и француски јазик, па се преведуваат на сите други официјални јазици и  сите тие се третираат како „автентични верзии“.

akad 2

Специјален режим за правните јазици на Судот на правдата на ЕУ

Професорката Ристова-Астеруд истакна дека во Судот на правдата на ЕУ „јазикот на случајот“ се  сите официјални јазици на ЕУ. Таа дополнително појасни и како се утврдува „јазикот на случајот“.

„Во случај на тужби, тужителот го избира јазикот на случајот, освен ако тужениот е држава членка, тогаш нејзиниот официјален јазик е  јазикот на случајот. Страните во случајот може заемно да го договорат јазикот на случајот од официјалните јазици, а пак една од страните, ако не е институција на ЕУ,  може да бара да биде одобрен друг јазик, различен од официјалните, кој би  се користел целосно или делумно за јазик на случајот. Исто така, на експертите и вештаци и на други физички лица, ако не можат да се изразат на еден од официјалните јазици, им се овозможува судски превод“, рече Ристова-Астеруд.

Таа посочи  дека судиите и правните советници на Судот, т.н. општи адвокати,  можат да  користат еден од официјалните јазици, а кој не е јазик на случајот, а пак официјалните документи на Судот се објавуваат на официјалните јазици. Документите на јазикот на случајот се  сметаат за „автентична верзија“, а работен јазик на Судот е францускиот, што говори за присуството на континенталната правна традиција во рамки на Европската Унија. Во таа насока, исклучително прашање за елаборација е и правна лингвистика во ЕУ.

akad 2

Правна лингвистика во ЕУ: лингвистички вештини на правниците

„Со правната лингвистика треба да се обезбеди повеќејазичен израз и соопштување на иста правна порака, да се постигне ист правен ефект и еднакво важење на правото, што е особено важно во контекст на супрематијата и директната примена на правото на ЕУ“, подвлече професорката.

Според Меѓуинституционалниот водич за лингвистички стил (Interinstitutional Style Guide) од 1997, секоја јазична верзија на текст на правен акт на ЕУ мора да има ист број страници, иста структура на текстот, ист стил на нумерирање и параграфирање, иста должина на речениците, истиот вид информација да биде содржана на истото место. На тој начин, појасни професорката, полесно се наоѓа еквивалентниот правен термин во различните јазични верзии.

Професорката Ристова-Астеруд истакна дека правната лингвистика првенствено е задача на правниците кои се специјализирани за правната лингвистика, што особено се вреднива во рамки на ЕУ.  На настанот беше констатирано дека  правниците знаат да го препознаат „кодираниот“ јазик на правото и во тој дух најдобро можат да ги изразат поставените правни цели на конкретен правен акт или пак правната политика.

akad 2

Директното цитирање на латински изрази и термини, како на пример amicus curiae, ex officio, ipso jure, барањето приближни еквиваленти во правните термини, изрази и концепти,  потоа парафразирањето на оригиналниот термин, техниката на нумерирање, неологизмите што означуваат воведување нови зборови и изрази за да се изрази странски правен концепт, како и базите на правни термини, изрази, институти и специјализирани правни речници и толковници на ЕУ, се дел од  структурата и примената на правната лингвистика.

Во таа смисла, рече професорката во своето излагање,  значајна е техниката на синџир-преведувањето. Како што образложи таа, таквото преведување е кога од помал правен јазик, на пример од македонски, прво се преведува на еден од поголемите правни јазици, како англиски, француски или германски, па потоа на друг помал правен јазик, на пример естонски.  Најчесто користени „синџир правни јазици“ во ЕУ се францускиот и германскиот, додека, пак, Судот на правдата на ЕУ е конечен арбитер во толкување на правото на ЕУ.

Правниот мултилингвизам и толкувањето на правото во ЕУ

„Иако и националното судство е важна алка во толкувањето на правото на ЕУ, Судот на правдата на ЕУ е конечен арбитер во толкување на правото на ЕУ. Сите верзии на примарните и секундарните извори на правото се автентични, а треба да се најде „едно и униформно правно значење заради правна сигурност и правна еднаквост“, рече Астеруд, додавајќи дека дури и кога една јазична верзија на правен акт на ЕУ се чини јасна, во случај на спор, мора да се прави споредба со другите автентични верзии на актот.

akad 2

Во праксата на Судот, јазичната споредба може да ја бараат странките во спорот,  националните судови, правните советници на Судот (генералните адвокати) и самите судии.   

„Сите јазични верзии на правните акти на ЕУ имаат еднаква правна тежина, независно од големината на населението на државата членка и од јазикот што се зборува и кој е официјален јазик во таа држава. Вистинското правно значење на одредено правило или акт на ЕУ не е детерминирано од тоа дали е застапено во „мнозинска“, „малцинска“ или „една“ јазична верзија на актот, туку од намерата на создавачот на нормата, од нејзината цел и од севкупниот правен контекст (ако треба и системско толкување на договорите)“, нагласи професорката Ристова-Астеруд.

Осврнувајќи се на прашањето за евроинтеграцијата на Република Македонија, на јазикот и на толкувањето во правото, а во контекст на предизвикот за правните професии, доц. д-р Александар Спасов на Конференцијата даде исцрпен осврт на прашањата за теоретската рамка на јазикот на правото и јазикот и правната професија во Република Македонија.

akad 2

Правниот акт содржи две основни компоненти

„Правниот акт содржи две основни компоненти, и тоа: психичко-волева компонента и материјализација. Правниот акт како средство за создавање на правната норма се „раѓа“, односно е резултат на волјата на создавачот, а се оформува во свеста на создавачот. Правниот акт својата материјализација ја доживува преку јазикот, со што им станува достапен на адресатите, но и на целата јавност. Одвоен од својот создавач (на пр. законодавецот), односно материјализиран преку јазикот, најчесто во пишана форма, правниот акт, односно правната норма создадена со актот, која е задолжително правило за поведение, станува предмет на толкување за да може да биде применета“, истакна професорот Спасов.

Како што образложи тој, толкувањето на правната норма како постапка за утврдување на вистинското значење на нормата, најчесто се врши од субјекти коишто ниту учествувале во создавањето на правната норма ниту, со сигурност, можат да тврдат која била вистинската волја на создавачот на правната норма во времето на создавање на правната норма.

„Во таа насока може да се заклучи дека материјализацијата на правниот акт претставува раскинување на врската меѓу создавачот и актот, при што актот, односно нормата создадена со актот продолжува да постои во објективниот свет независно од „вистинската волја и цел“ на својот создавач“, истакна Спасов.

akad 2

Тој додаде дека за да се избегне потребата од постојано автентично толкување, правната теорија и правната догматика развиле широка палета на методи, односно методологија за толкување на правните норми, како што се: јазично толкување, логичко толкување, целно толкување, системско толкување, историското толкување.

(Не)прецизна употреба на правната терминологија во Македонија

Во таа насока, Спасов се осврна и на практични примери на (не)прецизна употреба на правната терминологија во Република Македонија, а одделно говореше за Законот за употребата на јазиците на заедниците во РМ, потоа за законските решенија со кои се поставува условот за познавање на англискиот јазик за кандидатите за судии и јавни обвинители, за Законот за ратификација на Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и протоколите на наведената Конвенција, како и за компаративните согледби на германскиот и македонскиот Закон за кривичната постапка.

akad 2

Во врска со преводот на Законот за кривична постапка на СР Германија, во која учествувал како стручен редактор, Спасов подвлече дека постоеле предизвици при преводот на термините angeschuldigter и angeklagter (обвинет како фаза во постапката од подигнување на обвинителниот акт до започнување на главниот претрес и обвинет/оптужен од започнување на главниот претрес до правосилноста на пресудата).

„Двата термини означуваат две различни фази во постапката, а преведувањето со еден термин ја „замаглува“ суштината на правната процедура предвидена со германската кривична постапка“, истакна Спасов.

„Спроведливост“ или „утуживост“?

Тој посочи дека при преводот на странска правна литература во Македонија има бројни примери на недоследен превод, како што е примерот со германскиот термин „Klagbarkei“, кој е преведен како „спроведливост“, но означува „утуживост“ како карактеристика на субјективното право.

„Се поставува прашањето дали може ли да се изведе терминот „утуживост“ во македонскиот јазик? Ако постои упростување од просто, ако постои укажување од кажува, зошто да не би можело да се изведе „утуживост“?“, запраша Спасов.

akad 2

Тој додаде дека  ваквите примери говорат дека е потребно подоследно и прецизно да се преведуваат одредени правни поими кои често стануваат дел од домашниот правен поредок, што доволно говори за практичното значење на јазикот на правото, а особено се согледува во примената на конкретната правна норма и нејзиното правно толкување.

M.В