/ Прочитано:

1.288

ЈО: При претресите во текот на ноќта прибран обемен доказен материјал

„Тимот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден до раните утрински часови работеше на прибирање на материјални докази поврзани со осомничените во случајот „Примање награда за противзаконито влијание“.

Како што веќе обвинителството информираше, извршени се претреси во домот на родителите на првоосомничениот, во станот каде што престојувал, како и во просторијата што ја користел во едно правно лице, воедно извршен е претрес и во домот на второосомничениот, како и во возилата што ги управувале.

При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички , како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола.

Со оглед на обемноста на материјалот , записниците за одземени предмети се уште се подготвуваат и во моментов обвинителството не може да соопшти детали.

Воедно, обвинителството ја известува јавноста дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот.

Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството колку што дозволува истрагата континуирано ќе информира за преземените дејствија“, се вели во сопштението на Обвинителството.

Реакција на Јавното обвинителство

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро ги осудува написите што се појавија во дел од медиумите кои, повикувајќи се на извори од обвинителството, шират шпекулации за наводно проширување на истрагата и за содржина на одземените материјални докази во предметот за примање награда за противзаконито влијание.

Обвинителството ја известува јавноста дека само официјално објавените соопштенија на веб страницата на обвинителството и дадените изјави на обвинителите се веродостоен извор на информации во врска со овој предмет. Истражната постапка е штотуку отворена и во моментов не може да стане збор за проширување на истата, но не е исклучена можноста доколку при истрагата се дојде до релевантни докази истата да биде проширена.

Воедно, како што веќе информиравме, при синоќешните претреси се одземени повеќе компјутери, УСБ стикови, телефони и мемориски картички. Согласно законските процедури при одземање на ваков вид на предмети истите се запечатуваат и со наредба на јавен обвинител се доставуваат на вештачење. Вештачењето е процедура што бара време и посветеност и во моментов не може да се говори за содржината на одземените материјали.

Во интерес на истражната постапка и спречување на шпекулациите во јавноста, обвинителството останува отворено за споделување на веродостојни информации онолку колку што дозволува истрагата.

Отворена истрага и предлог за притвор за две лица осомничени за примање награда за противзаконито влијание

Оставка на Катица Јанева

М.В