/ Прочитано:

1.016

ЈО: Притвор за осомничениот за убиството во Ново Лисиче

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено дека сторило кривично дело – Убиство од членот 123 став 1 од Кривичниот законик.

„Имено, осомничениот, со употреба на опасно орудие – нож на расклопување, лишил од живот едно оштетено лице. Настанот се случил околу половина час по полноќ на 14 август, на улицата ‘Февруарски поход’ во населбата Ново Лисиче. По претходна расправија меѓу 18-годишниот осомничен и негов другар, од една страна, и поголема група лица, од друга страна, осомничениот се дал во бегство кон зградите во населбата. Неколку лица трчале по него и во момент кога му се доближиле, тој го извадил ножот со кој на оштетениот му задал еден удар во пределот на градниот кош. Повредениот бил пренесен во болница, каде што подоцна починал.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, односно дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство или да влијае врз сведоците, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судијата го прифати ваквиот предлог и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена“, соопштуваат од Јавното обвинителство.

М.В