/ Прочитано:

1.146

Joхан Тарчуловски денеска попладне во Скопје

Четврток, 11 април 2013 – Јохан Тарчуловски, кој вчера излезе од затворот во Диез, Германија, каде ја издржуваше затворската казна за воени злосторства во скопското село Љуботен, денеска попладне се очекува да пристигне во Македонија. Здружението на граѓани за поддршка на Јохан обезбеди 50 автобуси кои бесплатно ќе сообраќаат до аеродромот „Александар Велики“ и потоа до плоштадот Македонија. Обезбедени се и 200 автобуси за оние граѓани од внатрешноста на државата кои сакаат да го пречекаат Тарчуловски.

По пристигнувањето во Скопје, предвидено е Тарчуловски да се сретне со премиерот Никола Груевски и да положи цвеќе пред Споменикот на бранителите во близина на Порта Македонија. За неговиот пречек ќе биде организирана и прослава на плоштадот.

Судскиот процес против Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски е единствениот од вооружениот конфликт од 2001 година и единствениот од Македонија, кој заврши на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг.  Процесот започна на 16 април 2007 година и заврши за една година. На 10 јули 2008 година, судскиот совет се произнесе со пресудата со која го ослободи од обвинение поранешниот министер за внатрешни работи го Бошкоски од сите обвиненија, а Тарчуловски кој за време на конфликтот беше службеник од повисок ранг во службата за обезбедување на Македонија беше осуден на казна затвор од 12 години врз основа на лична кривична одговорност. Одбраната на Тарчуловски се жалеше на оваа одлука, но жалбениот совет ги одби сите основи за жалба и ја потврди казната. Претседателот на Меѓународниот суд издаде решение, со кое ја определи Германија за држава каде ќе ја издржува казната.