/ Прочитано:

1.560

Јохан Тарчуловски е на слобода, утре се очекува неговото пристигнување во Македонија

Среда, 10 април 2013 – Јохан Тарчуловски е на слобода по 8 години, колку што одлежа во затворот во германскиот град Диц.  Според неговиот адвокат Антонио Апостолски, тој веќе утре ќе стапне на македонско тло.

Веднаш по излегувањето од затворот, Тарчуловски бил пречекан од сопругата, блиски пријатели и иселеници.

Неговиот адвокат Антонио Апостолски потврди дека за утре напладне е предвидено неговото доаѓање.

Одлуката на Хашкиот трибунал следува по барањето на адвокатскиот  тим  за предвремено пуштање, бидејќи Тарчуловски го исполни главниот критериуми, односно одлежа две третини од казната. Покрај ова, во предвид било земено  и неговото добро поведение.

Судскиот процес против Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски е единствениот од вооружениот конфликт од 2001 година и единствениот од Македонија, кој заврши на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг.  Процесот започна на 16 април 2007 година и заврши за една година. На 10 јули 2008 година, судскиот совет се произнесе со пресудата со која го ослободи од обвинение поранешниот министер за внатрешни работи го Бошкоски од сите обвиненија, а Тарчуловски кој за време на конфликтот беше службеник од повисок ранг во службата за обезбедување на Македонија беше осуден на казна затвор од 12 години врз основа на лична кривична одговорност. Одбраната на Тарчуловски се жалеше на оваа одлука, но жалбениот совет ги одби сите основи за жалба и ја потврди казната. Претседателот на Меѓународниот суд издаде решение, со кое ја определи Германија за држава каде ќе ја издржува казната.