/ Прочитано:

1.237

Јохан Тарчуловски преку Фејсбук и се обрати на јавноста

Понеделник, 4 март 2013 – Света должност е на секој човек да ја брани својата татковина, пишува Јохан Тарчуловски на својот Фејсбук профил од затворот во Германија. Во своето обраќање до јавноста пишува за неговото видување околу случувањата во 2001 година и искуството поминато низ хашкиот процес.

Вчеравечер, Јохан Тарчуловски од затворот во градот Диц, во Германија преку својот Фејсубк профил и се обрати на македонската јавност. Накратко пишува за неговото искуство поминато во Хаг и неговото видување за случувањата во 2001 година посочувајќи дека се работи за неговиот завршен збор пред донесувањето на правосилната пресуда со која беше осуден затворска казна од 12 години. 

Инаку неодамна германските судски власти одговорија позитивно на барањето на одбраната на Тарчуловски за негово предвремено ослободување. Според роковите што велат дека тој може да биде ослободен по одлежување на две третини од 12 годишната казна, враќањето на Тарчуловски во Македонија се очекува кон средината на март.

Обраќањето на Тарчуловски ви го пренесуваме во неговата интегрална форма >>

„Сакам да се заблагодарам што ми беше дадена прилика мене и на мојот адвокатски тим да покажеме и докажеме дека не сум сторил никакво кривично дело, кое е насочено против цивили или цивилни објекти. На почетокот незаконски и непотребно бев уапсен и се сомневав дека ке добијам фер и праведно судење. Сакам да порачам до моите најблиски дека нивната подршка и љубов за мене е моето најголемо духовно богатство. Се во животот се случува поради некоја причина . Не мислам дека овие години поминати во притвор се изгубени за мене, научив многу вистини овде, научив да не брзам, да бидам трпелив и да го ценам она што го имам. Со проширувањето на мојата фамилија мојот живот доби сосема поинаков смисол. Трагично а и сосема непотребно е тоа што се случи во 2001 година во македонија. Трагично и жално е што некои болни умови преку изведување на терористички напади и убиства на цивили, војници и полицајци се бореа за политички функции. Чесен суде, ние Македонците сме мирен народ, секогаш и на секого сме спремни да му помогнеме кога му е најтешко, ниту еден Македонец не го посакуваше тоа што се случи во 2001 година. Но никаде и во ниедна земја во светот, никој нема да одобри и подржи терористички акции.  СВЕТА ДОЛЖНОСТ Е НА СЕКОЈ ЧОВЕК ДА ЈА БРАНИ СВОЈАТА ТАТКОВИНА. П.С. Завршни зборови од првостепената пресуда, август 2008 година“.