/ Прочитано:

782

ЈОРМ: Истрага за три лица за примање поткуп и помагање

„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Примање поткуп од чл.357 ст.4 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, како и за две лица за помагање при извршување на кривичното дело – Примање поткуп од чл.357 ст.4 во врска со ст.1 во врска со чл.24 од Кривичниот законик.

За првоосомничениот постои основано сомнение дека како службено лице даночен инспектор во Управата за јавни приходи при Министерството за финансии – Регионална дирекција Скопје, индиректно, преку второ и третоосомничените лица, побарал парични средства во износ од 5.000 евра од сопственик на едно правно лице. Парите потоа лично ги примил за да не изврши службено дејствие што би морал да го изврши, односно да направи дополнителни и детални контроли на даночниот субјект по однос на пресметката за плаќање на даночната обврска.

При извршување на кривичното дело, со умисла му помогнале второ и третоосомничените лица, сопственици на сметководствено биро од Скопје, преку давање совети и упатства, како и директно посредувајќи во комуникацијата со оштетената со која претходно се познавале.

Осомничените, на 05.11.2018 година, во еден угостителски објект, реализирале заедничка средба, на која оштетената на првоосомничениот му ги предала парите во износ од 5.000 евра во десет банкноти во апоени од по 500 евра. Банкнотите биле претходно крим-технички обработени од страна на полицијата. Осомничениот ги ставил обележаните банкноти во џебот од палтото и по интервенција на полициските службеници бил затекнат со нив кога го напуштал угостителскиот објект.

Со оглед на проценката дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, постои основан страв дека осомничениот ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело и ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, како и особените околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор. За второ и трето осомничените лица се предложени мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган  и привремено одземање на патната исправа“, се вели во соопштенито на Јавното обвинителство.