/Прочитано:

173

ЈОРМ: Склучени спогодби со двајца обвинети за криумчарење мигранти

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Спогодби со две лица обвинети за Криумчарење мигранти по член 418-б став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно склучените Спогодби, на дваесет и три годишниот македонски државјанин и деветнаесет годишната косовска државјанка, им е изречена алтернативна мерка – условна осуда со која е утврдена казна затвор во траење од по една година која нема да се изврши доколку обвинетите не сторат ново кривично дело за време од три години. Воедно, согласно член 38- г на девојката е утврдена и казна – протерување од територијата на Република Македонија во траење од две години.

Кривично правниот настан се случил на 7.01.2019 година на Граничниот премин „Долно Блаце“ при влез во Република Македонија. Имено, по претходен договор, обвинетиот, со патничко моторно возило „Мерцедес“, бил дојден во Приштина каде го чекале обвинетата и нејзината другарка. Со цел да се прошетаат, тројцата се упатиле кон Скопје. При наближувањето кон косовскиот граничен премин, другарката ги информирала обвинетите дека не поседува документ за идентификација за да ја премине границата. Тогаш, обвинетата ја убедила да влезе во багажниот простор на возилото. Обвинетите, заедно со дваесет годишната сокриена девојка успеале да ги поминат границата на косовската страна и службата за проверка на лична идентификација на македонската граница. Но, при рутинска контрола на македонските царински службеници, обвинетиот соочен со фактот дека се проверуваат возилата, признал дека во багажниот простор се наоѓа девојка без документи за идентификација. По Наредба на јавен обвинител, на обвинетите им беше одреден краткотраен притвор, а девојката што илегално влегла во Република Македонија беше привремено задржана во Прифатен центар за странци и по дадениот исказ пред обвинител е вратена на територијата на Косово.

Надлежниот јавен обвинител имајќи ги предвид возраста на обвинетите, нивното изразено жалење и каење поради стореното кривично дело, нивното коректно однесување во текот на кривичната постапка, како и придонесот кон нејзиното ефикасно завршување, ценеше дека се олеснителни околности за склучување на Спогодбите и одмерување на видот и висината на изречените казни. Судијата на претходна постапка ги прифати поднесените Предлог-спогодби и донесе Пресуда со која на обвинетите им изрече условни осуди“, се вели во соопштението на ЈОРМ.

М.В