/ Прочитано:

6.307

Јово Вангеловски избран за претседател на Врховниот суд, Стојанче Рибарев за в.д. претседател на Кривичниот суд

Денеска Судскиот совет го избра Јово Вангеловски за претседател на Врховниот суд.

Во биографијата на Вангеловски е наведено дека е роден на 1.2.1960 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 15.11.1982 година, а правосудниот испит го положил на 13.4.1983.

Од  1983 до 1986 година работел како стручен соработник во Окружниот стопански суд Скопје.  Од  1986 до 2008 година работи како адвокат во повеќе правни области, во почетокот на кариерата на стопанска и граѓанска материја, а во последните 10 години на кривични предмети.

На 20 мај 2008 година бил избран за судија на Врховниот суд на Република Македонија, каде што работи во Одделот за граѓански дела. На 17 јули 2008 година бил избран за претседател на Врховниот суд на Република Македонија.

Во работењето како адвокат и судија на Врховниот суд, учествувал на повеќе меѓународни конференции и семинари во земјата и странство. Како претседател на Врховниот суд на Република Македонија (ex officio), бил член на Судскиот совет на Република Македонија, заменик претседател на Судскиот буџетски совет и член на Управниот комитет на Академијата за обука на судии и јавни обвинители. Функцијата претседател на Врховниот суд на Република Македонија, се посочува во биографијата,  ја извршувал до 17.7.2012 година.

Покрај претседател на Врховниот суд, Судскиот совет го определи и судијата Стојанче Рибарев за в.д. претседател на Кривичниот суд. Рибарев доаѓа од Врховниот суд каде што беше избран како судија во септември минатата година.

М.В