/ Прочитано:

2.116

ЈСП најавува казна од 75 евра за возење без билет

Вторник, 4 јуни 2013 – Патниците што се возат без карта во автобус , отсега ќе плаќаат казна од 75 евра, од вчера Јавното претпријатие за сообраќај (ЈСП)  ја заостри контролата, со цел да се намали бројот на оние лица што без билет се возат во автобус, пишува „Вест“. 

Контролорите што нема да можат сами да се договорат со патниците да ја платат глобата, имаат право да викнат полиција, за да им помогне да ги легитимираат затечените патници без билет. Пред да им ја изрече паричната казна, ЈСП им дозволува на патниците или да платат 300 денари на самото место или, во рок од осум дена, од денот кога го направиле прекршокот.

„Ако патникот не го плати бараниот износ и во дополнителниот рок од осум дена, поднесуваме предлог за поведување прекршочна постапка до МВР, по што прекршочната комисија задолжително изрекува глоба од 50 евра, плус 25 евра за трошоците за прекршочна постапка, кои паѓаат на товар на патникот“, вели, Мишо Николов, директор на ЈСП. Контролорите мора да носат униформа и службена легитимација при проверка на билетите на патниците за да може да им побараат лични документи за идентификување. Тие се должни да ги одземат сите фалсификувани документи кои ќе ги затечат кај патникот, со кои тој се обидел да го оправда превозот. Досега, глобота за возење без билет изнесуваше 200 денари.