/ Прочитано:

1.860

„ЈУСТИЦИЈА“ ГО РАЗБРАНУВА ПРАВОСУДСТВОТО: Aдвокати со кривични пријави против судии

Случајот „Јустиција“, каде обвинети се судии и судски службеници од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1, ги разгоре страстите во правосудството. Адвокатите на обвинетите и судиите кои ја донесоа одлуката за изземање на предметот од Основниот суд Скопје 1 со меѓусебни обвинувања. Според адвокатите, судиите на Врховниот суд незаконски го донеле решението за пренесување на месната надлежност за овој предмет од Скопскиот на Битолскиот суд. Според судиите, пак, нема вистина во тврдењата на адвокатите. Истакнуваат дека судии на Основниот суд Скопје 1 не смеат да ги судат своите колеги со цел да се отстрани можноста од појава на оправдано сомневање за непристрасното постапување.

Од адвокатското друшто „Давидовиќ и Јанковиќ“ велат дека денеска поднеле кривични пријави против претседавачкиот судија во случајот, Лидија Зимбовска, која го поднела барањето до Врховниот суд за изземање, и врховните судии Јово Вангеловски, Ристо Катевеновски и Џемали Саити, односно советот што го уважил нејзиното барање.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, бранител на дел од обвинетите, обвинува дека по три закажани рочишта надвор од секаква законска процедура, спротивно на одредбите на Законот за кривична постапка, судијката Зимбовска „тајно се обратила до Врховниот суд со предлогот за пренесување на месната надлежност“.

„Ваквото однесување е недопустиливо. Во Законот за кривична постапка стои дека непосредно повисокиот суд, а тоа е Апелациониот суд, може да решава за пренесување на месната надлежност при судир на надлежности на судовите од тоа апелационо подрачје. Апелациониот суд и решил по ваквиот предлог и утврдил дека предлогот е неоснован од проста причина што судир на надлежности не постои. Не знаевме дека судијата Лидија Зимбовска е Основниот суд Скопје 1. Не знаевме дека друг судија освен неа нема во судот и дека ако таа не знае, не може или не сака да го суди овој предмет дека друг судија во Основниот суд Скопје I Скопје не постои. Со други зборови не е судијата Лидија Зимбовска единствен судија месно надлежен за оваа територија, па предметот да мора да се предаде на постапување на друг месно надлежен суд и тоа на територија на друг Апелационен суд. Можела да побара свое изземање ако смета дека е пристрасна во конкретниот предмет, но никако не можела самата покрај педесет други судии да предизвика месна ненадлежност на Основниот суд Скопје 1“, смета Давидовиќ.

Давидовиќ потсетува дека целокупната постапка пред подигање на обвинението ја спровел токму Основниот суд Скопје 1, судијата на претходна постапка определил мерки на претпазливост, како и тоа дека биле склучени спогодби за признавање на вина со неколку од обвинитети.

„Ниту Врховниот суд, ниту советот кој го донел решението, не се посилни од законот. Законот за кривична постапка децидно предвидува дека по влегување во сила на обвинението судот не може да се огласи за месно ненадлежен, ниту странките може да истакнуваат приговор. Сево ова Апелациониот суд го согледал и го одбил предлогот на судијата Лидија Зимбовска“, вели Давидовиќ.

Тој посочува дека според член 27 од ЗКП ако надлежниот суд од правни или стварни причини е спречен да постапува за тоа е должен да го извести непосредно повисокиот суд кој по испитување на јавниот обвинител ќе определи друг стварно надлежен суд на своето подрачје и дека ова го сторил Апелациониот суд одбивајќи го предлогот.

„Каква врска има ова со Врховниот суд никому не му е познато освен на тројцата судии и Претседателката на Врховниот суд која поита ваквата одлука да ја оправда во јавноста тврдејќи дека адвокатите на одбраната не го познаваат Законот, заборавајќи неколку работи: прво, дека најверојатно и судиите на Апелациониот суд не го познаваат Законот бидејќи го одбиле предлогот, второ, дека истата го аминуваше деградирањето на судскиот имунитет како член на Судскиот совет, трето, дека истата беше pретседател на Основниот суд токму во време кое е предмет на обвинението за работењето на судиите во предметот „Јустиција“, четврто, дека истата аминува одлука која никако не може да ја донесе Врховниот суд согласно Законот и наведените членови од Законот во истата, петто, Европската комисија во својот извештај сето она што адвокатите на одбраната го посочуваат, го посочува во својот извештај децидно наведувајќи дека приведувањето е незаконито, а проблемите во Одделот за прекршоци може да се припишат на старешината кој раководел тогаш со органот. Ако адвокатите се непознавачи на материјата, ако Апелациониот суд исто не ја познава материјата, а ни Европската комисија туку само Претседателката на Врховниот суд ја познава истата како тоаш може да ги објасни најслабите оценки токму за судството во сите извештаи на Европската комисија, а таа е постојано во позиција да раководи со судството“, истакнува Давидовиќ.

Согласно член 35 став 5 од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да решава за судир на надлежност меѓу основните судови од подрачјето на различни апелациони судови, судир на надлежност меѓу апелациони судови, судир на надлежност меѓу Управниот суд и друг суд и да решава за пренесување на месна надлежност кај овие судови. Сепак, според Давидовиќ во конкретниот случај не постои судир на надлежности помеѓу било кој суд.

„Постои пуста желба на судијката Зимбовска да не го суди предметот и желба на тројката од Врховниот суд и претседателката таа желба да и ја остварат. И не им е првпат бидејќи со решението на Врховниот суд Кр.бр.26/2015 истата тројка на истата судијка ѝ ја уважува желбата и го определува како месно надлежен суд Основниот суд Битола пренесувајќи му ја месната надлежност од Основниот суд Скопје I Скопје“, тврди адвокатот.

Давидовиќ како смешен го оценува фактот што советот на Врховниот суд, а и претседателката на ВСРМ, Лидија Неделкова, одлукатa ја правдаат со пристрасноста или непристрасноста на целиот суд бидејќи, како што вели, ниту една во странките во предметот во таа насока не дала приговор.

„Напротив, одбраната инсистираше токму овој суд да го суди овој предмет бидејќи токму Основниот суд Скопје I Скопје ја спровел целата постапка“, вели тој.

Давидовиќ тврди дека незаконитостите во врска со овој случај почнале со постапувањето на јавниот обинител и судијата на претходна постапка, кога обвинетата судијка Драгица Стојанова се повикала на својот имунитет.

„И тогаш и Судскиот совет и Врховниот суд останаа глуви и неми и не преземаа ништо. Наместо нив, кои единствено ја имаа силата и моќта според законот да ги разрешат работите и да ги доведат на вистинското место, повторно реагираше само стручната јавност. И Судскиот совет и Врховниот суд аминуваа незаконито постапување со судија и непочитување на судскиот имунитет, а со тоа ги аминуваа и сите наредни настани, самоволие и незаконитости кои се случуваат во овој предмет“, вели тој.

Реагира и на изјавата на Неделкова дадена претходно за Академик во која таа вели дека неговите неговите наводи и на адвокатот Ефто Спировски се непознавање на материјата од нивна страна иако се долгодишни адвокати, или, пак, нарачка да плукаат по Врховниот суд.

„Ние адвокатите ниту сме нарачани од некого, ниту шуруваме во изборите ниту правиме изборни комбинаторики, ниту заземаме страна на било која и каква опција освен страна на нашите клиенти и нивните законски права. За ниското ниво на правната аргументација која се состои од забелешки за јазикот, нарачките за плукање и познавање или не на материјата – тоа го прави само оној кој нема доволно правни аргументи, па сака да го одвлече муабетот во друг правец“, вели Давидовиќ.

Адвокатот Спировски, пак, вели дека тој нема да поднесе кривична пријава,  но останува на тврдењето дека одлуката на Врховниот суд е незаконска и единствено ќе бара заштита на законитоста.

„Судијката Зимбовска не е овластена да бара опредлување на месна надлежност на друг суд. Врховниот суд требал да го одбие таквото барање од две причини. Првата причина е затоа што за месната надлежност веќе се произнел непосредно повисокиот суд на Основниот суд Скопје 1, а тоа е Апелациониот суд Скопје, а втората причина е што ваквото барање е од неовластено лице. Во образложението на одлуката стои дека ваквата одлука Врховниот суд донел затоа што судијата Лидија Зимбовска во својот предлог напишала дека сака да се отстрани секакво сомнение од нејзината непристрасност како судија. Значи очигледно имаме во прашање барање за лично изземање на судијата Лидија за кое е надлежен Претседателот на Оновен суд Скопје 1 Скопје. Во член 27 од ЗКП се вели „ако надлежниот суд од правни или стварни причини е спречен да постапува должен е да го извести за тоа непосредно повисокиот суд кој по испитување на Јавниот обвинител, кога постапката се води по барање на Јавниот обвинител, ќе определи друг стварно надлежен суд на своето подрачје“. Значи јасно е дека вакво барање до непосредно повисокито суд, веднаш по приемот на обвинението кое е заведено во Основниот суд Скопје 1, можел да поднесе Основниот суд Скопје 1 преку застапникот по закон – Претседателот на судот или целиот колегиум во име на судот“, појаснува тој.

Во однос на тврдењата на Неделкова, Спировски вели дека не е вистина дека намерата им е плукање по Врховниот суд.

„Јас како долгогодишен адвокат, а претходно и судија на Општинскиот суд Скопје 1 Скопје и Окружен суд Скопје ги почитувам сите институци во РМ, а посебно судовите. Ниту некогаш сум „плукал“ на некој суд, ниту сум помислил на такво нешто. Моите реакции на одлуката на Врховниот суд се исклучиво затоа што сум убеден дека е незаконита, а немам ништо против предметот да го суди Основниот суд Битола“, истакнува тој.

Јово Вангеловски: Ќе ми причинува задоволство да го видам исходот од кривичната пријава

Јово Вангеловски, претседателот на советот од врховни судии кој решавал по предлогот на Зимбовска, за Академик вели дека тврдењата на адвокатите се невистинити и дека е постапувано во согласност со законот.

„Јас таа одлука сум ја донел во име на граѓаните на Република Македонија и истата е јавна, па кого интересира може слободно да ја погледне“, вели тој.

Во однос на најавите за кривична пријава против него и членовите на Советот, Вангеловски вели дека ќе му причинува задоволство да го види исходот.

„Тоа што сте го кажале, треба и да го остварите. Ќе ми причинува задоволство да го видам исходот на кривичната пријава и да ги упатам адвокатите на соодветно образование. Па дури лаици ме прашуваат како е можно предметот да се суди во судот каде што работеле тие судии и да им судат колеги. Комичен е ставот на адвокатите“, истакнува тој.

Зимбовска, пак, кратко вели дека коментарите на адвокатите не се достојни за одговор.

Во решението на Врхвовниот суд се наведува дека околноста што обвинетите се судии и судски службеници вработени во Основниот суд Скопје 1, во Одделот за прекршоци, а постапката треба да се води пред истиот суд како стварно и месно надлежен суд, може да предизвика сомневање во непристрасното постапување на судиите од истиот суд, што претставува оправдана правна причина за изземање од постапување на сите судии во Основниот суд Скопје 1. При одлучувањето, Врховниот суд на Република Македонија ја имал предвид својата досегашна пракса, како и праксата на Судот за човекови права во Стразбур.