Иво Санадер: Еден ден повторно ќе ги водам ХДЗ и Хрватска!
Петок, 28 септември 2012 – Еден ден повторно ќе ги водам ХДЗ и Хрватска, вели поранешниот премиер на Хрватска, Иво Сaнадер, во ексклузивниот разговор кој го објавува „Јутарњи лист“. Се работи за извадоци од се уште необјавената книга на белгискиот новинар Дан Алекса, ангажиран за оваа цел од уредништвото на овој хрватски магазин. Во првиот дел од книгата, Санадер ги коментира јавниот обвинител Младен Бајиќ, случајот „Хипо банка“, случајот „ХЕП-ТЛМ“, оставката од премиерското место, неговата наследничка Јадранка Косор… Против екс-премиерот и екс-претседателот на ХДЗ во Жупанискиот суд во Загреб, моментално се водат 4 постапки.
За Јавниот обвинител Младен Бајиќ
„На денот на мојата објава дека се враќам во политиката, претседателството на ХДЗ одлучи да ме избрка од партијата. Истиот тој ден, некаде приквечер, се случи средба меѓу Косор, Бајиќ и Карамарко (сегашен лидер на ХДЗ) и стана јасно дека подготвуваат тужба против мене. И затоа ги измислија сите тие случаи, за да ме уништат. Сведоците признаваат дека го прекршувале законот и правеле криминал , но тврдат дека јас тоа сум им го наредил“, вели Санадер, а пренесува „Јутарњи лист“.
Екс премиерот е уверен дека од овој процес тој ќе излезе победник, па вели: „Знам дека ќе победам во овој процес. Да, медиумите се против мене, тука е Бајиќ, кој ги користи новинарите против мене, но знаеме дека ќе победам. Го познавам Бјаиќ веќе долго време… Јас му го продлжив мандатот и тоа не зошто одевме во исто училиште во Сплит… Сега и тој е против мене…Знам дека низ сето тоа ќе поминам неповреден и дека еден ден повторно ќе ги водам и партијата и земјата. Го имам тоа во себе. Тоа е повик, глас…“, тврди Санадер.
>> „Фими медиа“: Црните фондови на ХДЗ
За „Хипо Банка“
Понатаму во разговорот, експремирот зборува и за аферата „Хипо банка“ каде тој е обвинет за збогатување за време на војната во Хрватска, првиот случај од ваков вид во оваа земја. Обвинителството го товари за воено профитерство и злоупотреба на службената должност. На Санадер му се припишува дека примил мито од од 3,6 милиони куни (483.000 евра), провизија од кредитот кој австриската „Хипо банка“ и го одобрила на Хрватска додека бил заменик министер за надворешни работи на Хрватска (1993).
Во однос на ова обвинение, Санадер обвинува дека истото е фалсификувано од страна на УСКОК и Државното правобранителство на Хрватска. „Никогаш не сум барал, ниту примил мито од Хипо банка“… Чесно му служев на својот народ, тврди Санадер.
>> Иво Санадер: „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“
За „ХЕП -ТЛМ“
Санадер го отфрла и обвиненито за аферата „ХЕП -ТЛМ“, односно за спорните договори направени помеѓу Хрватското електростопанство и Фабриката за лесни метали во Шибеник (ХЕП-ТЛМ), со кои хрватското електростопанство е оштетено со 87 милиони евра. Во своја одбрана поранешниот премиер вели оваа соработка датира од уште од времето на Југославија, а тој само го продложил она што други го почнале.
„Друга клучна работа е што кога јас бев премиер, хрватската држава презеде 12% од акциите на ТЛМ Шибеник. Тоа беше пред приватизацијата на фабриката. Побарав од министерот за финансии и од министерот за економија да подготват одлука за тоа како да го претвориме огромниот долг кој го имаше ТЛМ Шибеник кон државата во акции и да проценат за колкав износ се работи. Проценката беше дека станува збор за 12% од акциите. Имајќи предвид дека Алумина долго не му плаќаше на ТЛМ Шибеник, ние на тој начин дојдовме до акции и во мостарската фабрика“, вели Санадер.
За оставката
Во врска со неговата ненадејна одлука да си замине од Владата, а премиерското место да и го препушти на Јадранка Косор, тврди дека едноставно бил исцрпен од работата под притисок, која како што вели му се одразила на здравјето. Додава дека не е лут на неговите поранешни соработници кој го обвинија, туку само разочаран.
За Јадранка Косор
Судејќи по се што му се случува сега, Санадер вели дека нормално повторно не би ја донел истата одлука. Во тоа време, како што се наведува во написот на „Јутарњи лист“, Косор му била логичен избор, со оглед на тоа дека му била долго време заменичка во партијата и во владата.
Хрватската јавност поделена
Се чини дека Иво Санадер никако да излезе од фокусот на јавноста во Хрватска. Во исчекување на пресудата за обединетото судење за аферите „ИНА МОЛ“ и „Хипо Банка“ која би требало да биде донесена на крајот на ноември, тамошните медиумите се обидуваат да дојдат до приказната на Санадер. Па така во недела на екс-премиерот ќе гостува во емисијата „Недела во два“, која се емитува на ХРТ (Хрватската радио телевизија). Во однос на ова, хрватската јавност поделена, за некои тој заслужува да ја раскаже својата верзија, за други Санадер не треба да биде третиран различно од други обвинети.