/ Прочитано:

1.615

КАБИНЕТОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РМ: Иванов му го врачи мандатот на Никола Груевски за состав на новата Влада

Претседателот Ѓорге Иванов му го врачи мандатот за состав на Владата на Република Македонија на Никола Груевски, претседател на политичката партија ВМРО – ­ДПМНЕ, соопшти денеска Кабинетот на Претседателот на РМ.

akad 4

Во Уставот на Република Македонија се пропишува дека Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно на партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот му поднесува програма на Собранието и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Парламентот се конституираше на 30 декември, а најмногу пратенички места, односно 51, освоија ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, потоа  Коалицијата за подобар живот во Македонија, предводена од најголемата опозициска партија СДСМ, освои 49 мандати, потоа следуваат: ДУИ со освоени 10 пратенички места, Беса со освоени 5 пратенички места, Алијанса на Албанците, која освои три пратенички мандати и ДПА – два. Во овој парламентарен состав нема народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови.

Во текот на викендот партиите на Албанците – ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците, ја објавија заедничката платформа која ќе биде нивна основа во преговорите за создавање на новата Влада. Заедничката политичка агенда на трите партии предвидува целосна јазична еднаквост, односно употреба на албанскиот како официјален јазик, економска рамноправност, решавање на спорот за името со вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција, како и брза интеграција во НАТО и во Европската Унија.