/ Прочитано:

1.824

Како да се дефинира улогата на правниците во трите линии на одбрана – Метју Вајли, експерт за правни ризици

Правните работи во организацијата ги вршат интелигентни, добро образовани и вредни индивидуи. Тие работат, самостојно и како колектив, на највисоките хиерархиски нивоа во вашата компанија. А советот кој тие го даваат е клучен за вашиот одржлив комерцијален успех.

Matthew Whalley почнал да работи во реномираната адвокатска фирма Berwin Leighton Paisner во 2011 година, а претходно бил одговорен за глобалниот ризик, известување и управување со проекти во глобална финансиска институција. Во Berwin Leighton Paisner е задолжен за правните ризици и групата за трансформација, помагајќи им на клиентите да ги идентификуваат и ублажат правните ризици, а известува и за вредностите пред нивните одбори и ги имплементира стратешките програми за транформација. Во Berwin Leighton Paisner работи како раководител за консалтинг за правни ризици. Метју е автор на повеќе стручни трудови, посветени на различните аспекти од управувањето со правните ризици, а е уредник и на публикацијата на Berwin Leighton Paisner: „Legal Risk Benchmarking Survey: Results and analysis“. Важи за еден од водечките светски експерти за правни ризици. Оваа година, на задоволство на стручната, академската и пошироката јавност, овој реномиран експерт и адвокат ќе биде предавач на Skopje Legal Risk Management Conference 2014.

Резиме во 20 секунди

Еден од предизвиците со кој во моментов се соочуваат многу генерални советници и главни извршни директори е како да ги позиционираат луѓето кои вршат правни работи во организацијата во нивниот модел за оперативен ризик, и тоа да има најголем ефект.

Овој предизвик е од најголемо стратешко значење за вашиот бизнис. Ако го решите правилно, сте ја поставиле основата за луѓето кои ги вршат правните работи да бидат проактивни менаџери на правниот ризик – и советници за бизнисот на кои може да им се верува. Ако погрешно се справите со него, создавате „култура на штиклирање полиња“, што ќе го демотивира и ќе го лиши од правата едниот од вашите најважни ресурси.

Регулаторите во минатото сакаа правниот тим самиот да се позиционира на „втората линија на одбраната“. Но, ваквата позиција премногу ја поедноставува разноликоста на улогите и активностите кои ги вршат правниците во организацијата. Во реалноста, правниците во организацијата работат на сите три линии од вашиот модел за оперативен ризик.

Во овој напис ќе дознаете:

  • Колкава е вредноста која техниките за анализа на оперативните ризици ја додаваат на работата на вашите луѓе кои вршат правни работи
  • Како да се позиционираат различните видови на работи што правниот тим ги врши во секоја од трите линии на одбрана
  • Зошто им е тешко на правниците да се прилагодат на одговорностите од „втората линија“
  • Како вашиот Оперативен модел за утврдување правни цели се вклопува на картата на трите линии на одбрана
  • Улогата што аналитиката на правниот ризик би требало да ја има и како таа може да ги поддржи вашите напори за редефинирање на работата на вашиот правен тим

Но најважно, можеби, е дека ќе стекнете сознанија за тоа како да извлечете најмногу од луѓето кои вршат правни работи и како да ги поддржите за да му помогнат на вашиот бизнис и да управуваат со правниот ризик.

Моделите за оперативен ризик даваат нова перспектива за тоа како правото влијае на вашиот бизнис

Долги години правниците во организациите се повикуваа да станат попроактивни во начинот на кој го управуваат правниот ризик. Овој повик во голема мера остана без одговор.

Но, ако советниците во организацијата треба да го минимизираат можното нараснување на идните трошоци поврзани со правниот ризик со кој е соочен нивниот бизнис, тие мора да научат како да ги елиминираат правните ризици што е можно порано. И на овој начин да ја потиснат идната побарувачка за нивното време – и зголемувањето на правните трошоци за нивниот бизнис.

Иако правниците се феноменално добри за справување со зголемената побарувачка, тие обично не се толку вешти при елиминирањето на основната причина за таа побарувачка. Методологиите за оперативен ризик им нудат на правните советници во организациите нов начин на гледање на тоа како правото влијае на нивниот бизнис.

Принципите на управување со оперативниот ризик може да доведат до најдобри практики во идентификацијата, квантификацијата и известувањето за правниот ризик. А квантификацијата на правниот ризик помага да се изградат добри бизнис аргументи за да се инвестира во контролите и процедурите кои го елиминираат ризикот во самиот корен.

Луѓето кои вршат правни работи во организацијата коишто успешно ги применуваат методите за управување со оперативниот ризик – за да го управуваат правниот ризик – ќе бидат, според тоа, способни значително да го намалат вкупниот трошок од појавување правни ризици за нивниот бизнис.

Активностите на вашиот правен тим ќе ги поминат сите три линии на одбрана

Најчестата рамка за управување со оперативниот ризик е „три-линиската одбрана” (првата линија обично се дели на 1а и 1б). Постојат и варијации, како што се моделите на пет-линиска одбрана и седум-линиска одбрана. Но тие поретко се употребуваат.

Подолу приложив поедноставена верзија на моделот на три-линиската одбрана. Во оваа слика, ја опишувам секоја линија како:

  • Линија 1(а) – Секојдневна (оперативна)
  • Линија 1(б) – Секојдневна (совет)
  • Линија 2 – Ризик/Контрола
  • Линија 3 – Гаранција

Улогата на правниците во трите линии на одбрана Пример за тоа како улогата на правниците може да минува низ сите три линии на одбрана:

Луѓето кои вршат правни работи во организацијата му помагаат на бизнисот, управуваат со правниот ризик и гарантираат дека правната работа е сработена коректно

Правниците често работат заедно со оние кои склучуваат бизнис зделки во својство на прва линија. Делувајќи како дел од бизнис тимот, на пример, изработувајќи анализа на клиент или преговарајќи за клучни договори за пренос на активности на надворешни субјекти. Активностите кои правниот тим ги врши во рамки на линија 1(а) му помагаат на бизнисот. Правникот дејствува како составен дел на бизнис тимот и се фокусира на исполнување на комерцијалните цели на бизнисот.

Активностите во рамки на линијата 1(б), исто така, му помагаат на бизнисот. Но кога правниците ги советуваат нивните бизнис клиенти кога работите ќе тргнат на лошо, тие, исто така, го управуваат правниот ризик на ниво на поединечен случај.

На пример, поставив пет класификации на правни активности (нашите категории за правен ризик) во првата линија на одбрана: законодавна/регулаторна промена, договори, недоговорни права, недоговорни обврски и спорови.

На правниците им е понеудобно да работат во втората линија на одбрана

Правниците, се разбира, се многу комотни кога им даваат совети на клиентите за една зделка или за поединечни случаи. Понекомотни се кога од нив се бара проактивно да ги идентификуваат и да ги изразат со бројка правните ризици. Ова е особено точно кога се размислува на агрегатно ниво.

Работата на втората линија на одбраната во нашиот дијаграм е опишана како „Рамка за правните ризици и поднесување извештаи”. Овој тип на активности е таков што им помага на правниците во организацијата да ги идентификуваат и да управуваат со правните ризици. Тоа е непозната територија за повеќето правници.

Кога организациите го вршат овој тип работа, обично одговорноста ја има централен правен тим, кој делува на поапстрактно ниво од правниците на линијата на фронтот. Централниот тим ја менаџира анализата на правните прашања (особено оние кои се повторуваат) за откривање на заедничката основна причина, известува за генералната изложеност на правни ризици и спроведува проекти за сведување на минимум на веројатноста од остварување на одредени правни ризици.

За активностите од третата линија на одбраната би требало да се одлучува земајќи го предвид вашиот Оперативен модел за утврдување цели (ОМУЦ)

Третата линија на одбрана вообичаено се опишува како внатрешна (или надворешна) ревизија. Улогата на луѓето кои вршат правни работи на третата линија е да дадат гаранција дека работата во врска со управувањето на правниот ризик е соодветно извршена. Пред да може да одлучите за кои активности би требало да преземете одговорност за гаранција, мора да ги имате формализирано категориите на работи во вашиот Оперативен модел за утврдување правни цели (ОМУЦ).

Во рамките на вашиот ОМУЦ, која било работа која вашиот правен тим не е одговорен да ја изврши, но делува како контрола на значителен правен ризик, може да се вметне тука. Наплати, придржување, спорови и правен ризик (следење на работата на луѓето кои вршат правни работи) се некои од примерите кои ги имам видено.

Анализата на правните ризици ќе ви помогне да одлучите каде да ги фокусирате напорите на вашите луѓе кои вршат правни работи

Последното делче од сложувалката на три-линиската одбрана е “гаранцијата”. Ова ја опфаќа работата за која правниот тим не е одговорен (и затоа не се наоѓа во линиите 1а/1б), но која е важна за севкупното управување со правниот ризик.

Постојат два начина да се одлучи кој вид на работа да се смести во линиите 1а/1б, а која во линија три.

Првиот начин е да се анализира работата која луѓето кои вршат правни работи моментално ја работат и да се позиционира таа работа во трите линии на одбрана. Ако сте дирекно одговорен за активноста, таа се става во првата линија. Ако не сте, тогаш размислете за третата линија.

Проблемот со овој приод е дека работата која правниците моментално ја вршат скоро сигурно ќе се развива со тек на време. И работата за која луѓето кои вршат правни работи се одговорни можеби нема да биде истата како работата за која тие би требало да се одговорни.

Вториот начин (и по мене, подобар) е да се анализираат правните ризици на кои е изложен вашиот бизнис и да се фокусирате на активностите на луѓето кои вршат правни работи според потребата обучени правници да ја преземат одговорноста за контрола на ризиците. Ако го прифатите овој пристап, ќе може да ја употребите аналитиката на правните ризици за да одговорите на прашањето за работата за која:

  1. вашиот правен тим би требало да има директна оперативна одговорност,
  2. работата за која вашиот правен тим би требало да има менаџерска одговорност и
  3. работата за која вашиот правен тим не би требало да има оперативна или менаџерска одговорност.

И ако разбирате како и зошто да се поделат активностите на вашите луѓе кои вршат правни работи во секоја од категориите погоре, ќе се придвижите доста понапред кон креирање на проактивен и ефективен правен тим во организацијата.

Контактирајте ме за да дознаете повеќе за тоа како да се позиционира улогата на вашите луѓе кои вршат правни работи во моделот на три-линиска одбрана или за нашата услуга за аналитика на правниот ризик.

За АКАДЕМИК:  Метју Вајли, водечки британски и светски експерт за правни ризици 14.08. 2014