/ Прочитано:

3.608

Како треба да постапуваат полициските службеници според Кодексот на полициска етика и Законот за полиција

Основна функција на полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството, се пропишува во Законот за полиција.

Со овој закон се уредуваат полициските работи, организацијата на полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.

Полициски работи, меѓу другото, се дејствија на полициските службеници што се однесуваат на заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори;

Етичкото постапување на полицијата е регулирано во Кодексот на полициската етика, каде што се пропишува дека основна цел на полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот.

Полицијата е организирана со цел да ја промовира довербата меѓу полициските службеници и јавноста преку развивање на јавна, транспарентна и услужна функција.

Полициските службеници при постапувањето го почитуваат правото на живот на секој граѓанин.

Полициските службеници не смеат да предизвикуваат, да поттикнуваат или да толерираат никаков чин на тортура, мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Полициските службеници можат да употребат средства на присилба само кога е тоа неопходно и само во обем што е потребен за постигнување на одредена легитимна цел.

Полициските службеници го почитуваат личното достоинство и индивидуалните потреби на лицето кое е повикано, приведено или лишено од слобода заради постоење на основи на сомневање дека извршило кривично дело.

Полициските службеници нема да употребат огнено оружје, освен ако тоа е неопходно и е во согласност со закон.

Полициските службеници, се пропишува понатаму во Кодексот,  ги извршуваат полициските работи согласно закон и ратификуваните меѓународни договори.

Полициските службеници секогаш ја верификуваат законитоста на своите планирани акции.

Полициските службеници треба да ги почитуваат писмените и усните наредби на претпоставените, согласно закон и подзаконските прописи.

Полициските службеници ги извршуваат наредбите дадени од претпоставените, се воздржуваат од извршување на незаконски наредби и го информираат својот претпоставен за дадените и извршените наредби.

Полицискиот службеник, без да страхува од санкции, ќе се воздржи од извршување на незаконски наредби кои претставуваат извршување на кривично дело.

Полициските службеници, се вели во Кодексот, ги извршуваат своите задачи чесно и на праведен начин, раководејќи се од принципите на непристрасност и рамноправност на сите граѓани.

Полициските службеници го почитуваат правото на приватност на граѓаните согласно Уставот на Република Македонија и закон.

Обработката на личните податоци од страна на полицијата се врши согласно прописите за заштита на личните податоци и ратификуваните меѓународни договори за заштита на лични податоци, ограничено и во обем неопходен за извршување на законски обврски.

Полициските службеници, при вршењето на полициските овластувања ги почитуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како што се: право на живот, слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слобода на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање, слобода на вероисповед, слобода на здружување заради остварување и заштита на политичките, економските, социјалните, културните и други права и уверувања на граѓаните, вероисповед, правото на мирно собирање, слобода на движење и правото на сопственост, како и други слободи и права гарантирани со Уставот на Република Македонија, се пропишува во Кодексот.

При постапувањето, полициските службеници секогаш се легитимираат, како доказ за својот полициски статус и професионален идентитет.

Полициските службеници се спротивставуваат на формите на корупција во рамките на полицијата.

Секој полициски службеник ги информира претпоставените и другите надлежни државни органи за појава на корупција во рамките на полицијата.

Реакции и осуди за полициската бруталност

М.В