Како треба да се однесува административниот службеник во приватниот живот според новиот Кодекс
Со овој кодекс за административни службеници се пропишуваат етичките стандарди и правилата на однесување на административните службеници. Во Кодексот се пропишани и одредби за однесувањето на службеникот на работното место, во приватниот живот и во јавноста.
Однесување на работното место, приватниот живот и јавноста
„Административниот службеник го разбира и доживува работењето во администрацијата како одговорна, угледна и почитувана професија. Без да се оневозможи остварување на правото на градење на сопствен став и јавно изразување на мислење, административниот службеник се воздржува од давање на штетни изјави за службата“, се пропишува во Предлог-кодексот за административни службеници.
Административниот службеник во службата, во приватниот живот и во јавноста се однесува достоинствено и не постапува на начин со кој би се нарушил неговиот личен углед, угледот на институцијата и на администрацијата во целина.
„Во своето однесување и дејствување надвор од работата, во претставувањето на јавни настани, на социјалните мрежи или во каков било друг облик на комуникација, административниот службеник претставува пример за соодветно и достоинствено однесување.
Води кратки и концизни службени телефонски разговори, додека приватните телефонски разговори не ги води во присуство на странки или кога странките чекаат одговор или кога имаат намера да постават прашање.
Административниот службеник во јавните настапи во кои ја претставува институцијата изнесува исклучиво официјални ставови на институцијата во согласност со прописите и добиените овластувања и овој кодекс. Во јавните настапи во кои не ја претставува институцијата не изнесува податоци од делокругот на работа на институцијата и од работното место, со кои би се нарушил угледот на институцијата и би се поткопала довербата на граѓаните во администрацијата“, се пропишува во Кодексот.
Новиот Предлог-кодекс за административни службеници ставен на јавен увид
М.В