/ Прочитано:

1.267

Како треба да се однесуваат пратениците според Етичкиот кодекс

Целта на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието е зачувување и афирмирање на достоинството и угледот на Собранието и пратениците.

Овој кодекс има цел да ја зголеми довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник како индивидуа и на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.

Во таа насока, се пропишува во Кодексот, пратеникот е должен при извршувањето на функцијата да се однесува со особено внимание и почитување на личноста и угледот на секој поединец и секогаш да води сметка да не го повреди угледот на другите пратеници и угледот на Собранието.

Пратеникот не смее да ги прекинува говорниците, да дофрлува од место или на кој било друг начин да го нарушува текот на седницата и да користи навреди, фрази, изрази или гестикулации со кои можат да се навредат или омаловажат другите пратеници или носители на јавни функции.

Пратеникот се воздржува од постапки и говори со кои може да предизвика омраза, нетрпеливост и насилство на лична, идеолошка, верска, национална, полова или расна основа.

Пратеникот ги почитува овластувањата на другите избрани и именувани лица, на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието, нема да врши притисок во извршувањето на нивните работни задачи и нема да поттикнува и помага однесување спротивно на Кодексот.

Основни правила на однесување

Пратеникот е должен да ги почитува правилата на однесување за одржување на редот на седниците на Собранието, на работните и другите тела на Собранието, а особено:

– да се однесува со внимание и почитување на личноста и угледот на секој поединец и да води сметка да не го повреди угледот на другите пратеници и угледот на Собранието,

– да не користи зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човековото достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство,

– да се држи на темата за која се води расправата,

– да не го прекинува говорникот или на кој било друг начин го нарушува текот на седницата,

– да не го користи мобилниот телефон и лаптопот на начин со кој го нарушува текот на седницата и

– да ги почитува правилата на пристојно облекување.

Во Собранието строго се забранува употреба на сила и насилничко однесување од страна на пратеникот. Пратеникот не смее да учествува во настани со кои се загрозува безбедноста на Собранието.

Пратеникот кој учествува во сите јавни настапи како претставник на Собранието, во Собранието и надвор од него, е должен да го почитува угледот и достоинството на Собранието.

Пратеникот е должен да ги почитува правилата кои се однесуваат на спречување судир на јавниот и приватниот интерес.

Пратеникот не смее да ја користи својата функција заради остварување на имотна и друга корист за себе или за други, не смее да бара и/или прима подароци и бесплатни услуги и не смее да ја користи својата функција или информациите кои ги добил преку својата функција за своја лична корист или за лична корист на некој друг.

Пратеникот при вршењето на својата функција не смее да се раководи од лични, семејни, верски, политички и етнички интереси, партиски притисоци и ветувања.

Пратеникот не смее:

да прима или бара корист за извршување на своите должности,

– да остварува или стекнува право со повреда на начелото на еднаквост пред законот,

– да ги злоупотребува правата што произлегуваат од извршувањето на надлежностите,

– да прима награда или друга корист за вршење на работите кои се однесуваат на вршењето на функцијата и должностите,

– да бара или да прима награда или услуга за да гласа или да не гласа или да влијае за донесувањето на одлука на некое тело или лице за остварување на корист за себе или корист за негови блиски лица,

– да ветува вработување или остварување на некое друго право со примање на подарок или ветување на подарок и

– да влијае за донесување на одлука по јавни набавки или на кој било начин да ја користи положбата за да влијае за донесувањето на одлуката со цел да постигне приватен интерес или корист за него или за негови блиски лица.

Конституиран новиот собраниски состав и верифицирани мандатите на пратениците

Конститутивна седница на Собранието

Пратениците добија етички кодекс

Предложен кодекс за етичко однесување на пратениците во Собранието на РМ

М.В