Каква е положбата на Ромите како обвинети во кривична постапка во Република Македонија
Центарот за правни истражувања и анализи и Здружението на правници Роми денеска ја промовираа анализата на положбата на Ромите како обвинети во кривичната постапка.
Во своето воведно обраќање, Жарко Хаџи Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи истакна дека анализата има цел да понуди аргументи од кои ќе може да се изведе заклучок каков е третманот на Ромите во кривичната постапка од страна на судовите, положбата на Ромите кога се јавуваат како жртви на сторено кривично дело, состојбата со децата Роми во правосудниот систем и сл.
Во таа насока, како што беше истакнато на настанот, особен предмет на анализата е казнената политика, односно видот и висината на кривичните санкции во корелација со природата на стореното кривично дело, процесните права и можностите на Ромите да ги ползуваат процесните овластувања што Законот за кривичната постапка им ги гарантира на сите обвинети, односно жртви на кривичните дела.
Во ограничен дел, анализата е посветена и на пристапот до правдата и односот на полициските органи спрема граѓаните од ромска националност. Правната анализа има цел и сензибилизација на судии и јавни обвинители за потребата од еднаков и недискриминаторски третман на Ромите во правосудството и за градење на капацитетите на младите студенти по право, за нивно ефективно вклучување во справувањето со антиромската реторика, говорот на омраза и криминалитетот од омраза, како и вклучување на Ромите во рамките на правосудните органи.
Правната анализа е подготвена од истражувачите проф. д-р Гордана Лажетиќ- Бужаровска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје и Алма Мустафовска-Салимовска, адвокатка од Скопје, кои, како говорнички на денешниот настан, потенцираа дека дискриминацијата, маргинализацијата, нееднаквиот третман и нееднаквиот пристап до правдата се сè уште актуелни и загрижувачки теми во Република Македонија, особено кога станува збор за ромската заедница.
„И покрај уставните и меѓународните гаранции за еднаквост и недискриминација на секоја единка во општеството, сепак, сведоци сме на нееднаквиот третман во остварување на правата на одделни етнички групи пред институциите и правосудните органи, дискриминација, маргинализација, сегрегација, прекршување на основните човекови права и слободи. Припадниците на ромската заедница се една од најмаргинализираните и најдискриминирани групи во македонското општество во сите сфери: образование, домување, вработување, здравство, социјално осигурување. Ромите се соочуваат со нееднаков третман кога станува збор за пристап до правдата, независно за кое право станува збор. Ваквата состојба на ромската заедница се прикажува преку бројни анализи и извештаи како од домашни, така и од меѓународни организации и институции. Начелото на еднаквост и забраната за дискриминација спаѓаат во основните права што му се загарантирани на секој човек“, истакнуваат авторките на анализата.
Дискриминацијата на Ромите, се елаборира во анализата, се согледува во постапувањето на полицијата, при што постои отсуство на сериозна ефективна истрага за наводната полициска бруталност. Во таа насока, професорката Бужаровска посочува дека од вкупниот број пресуди коишто се донесени против Р Македонија од страна на Европскиот суд за човековите права за повреда на членот 3 од Конвенцијата, во кој е утврдена неефикасна и неефективна истрага од страна на Обвинителството, 50% од предметите се однесуваат на Роми кои се жалеле на пречекорување на полициските овластувања и прекумерната употреба на сила.
Индикативни се наодите од интервјуата со претставниците на граѓанските организации кои работат во областа на заштитата на правата на Ромите. Во нивните извештаи и од нивната работа произлегуваат заклучоци дека Ромите се соочуваат со нееднаков третман и дискриминација, пред сè, во полициските и во истражните постапки.
Во рамките на судските постапки не може да се забележат нееднакво постапување и нееднаков третман кон Ромите. Анализата на пресудите покажува дека не може да се забележи ниту тенденција, ниту случајна дискриминација, во смисла на процесна положба на обвинет од ромска националност.
Во кривичните предмети, посочува адвокатката Алма Мустафовска-Салимовска, сепак постои дискриминација во најширока смисла на зборот, во однос на неможноста Ромите соодветно да ги ползуваат процесните права и овластувања обезбедени во законите.
Во таа насока, Бужаровска и Салимовска истакнуваат дека загрижува податокот дека голем број обвинети од ромска националност воопшто немаат бранител во текот на постапката. На лицата од ромска националност, пристапот до правдата им е проблематичен, односно тие немаат средства за ангажирање адвокат во текот на постапката и користат правна помош од невладин сектор или воопшто немаат никаква правна помош.
„Има потреба од обезбедување преведувач во постапката. Имено, во ниту една пресуда не е наведено дека во текот на постапката е обезбеден преведувач на ромски јазик, па се доведува во прашање дали обвинетите во целост го разбрале обвинението. Исто така, поради слабата економско-финансиска состојба во која се наоѓаат Ромите, тие не се во состојба да ги обезбедат потребните докази за да се водат постапки пред надлежните судови“, се образложува во анализата за положбата на Ромите како обвинети во кривичната постапка.
Понатаму, Бужаровска и Салимовска во анализата посочуваат дека не може да се забележи дека судот изрекувал построги санкции само поради етничката припадност на сторителот, што особено произлезе од споредбата на санкциите во однос на кривичните дела – кражба и тешка кражба на државно ниво и од податоците добиени од анализираните пресуди.
„Потешките санкции во некои случаи се резултат од примената на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната спрема лице коешто претходно веќе било осудувано, без оглед на тежината на кривичното дело. Граѓанските организации суштински и посензибилно го согледуваат проблемот со дискриминацијата кон Ромите. Повеќето граѓански организации во континуитет укажуваат на прекумерна сила од страна на органите на прогонот спрема припадниците од ромската заедница, неспроведување ефективна истрага кога постоеле пријави дека биле изложени на полициска бруталност“, се елаборира во анализата.
Потребни се, посочуваат Бужаровска и Салимовска, посеопфатен пристап и третман кон Ромите од аспект на нивната положба во општеството од аспект на ранливост и подреденост. Поради неукоста, посочува Салимовска, Ромите честопати се жртви на полициска бруталност. Високиот степен на специјален повтор кај Ромите постои поради повеќе присутни ризик-фактори како што се: лошата економска состојба, неедуцираноста, невработеноста, повеќекратната осудуваност, семејното насилство, заедничкото домаќинство со повеќе генерации, станбената неситуираност, трансгенерациско научено однесување и дисфункционалните семејства.
Загрижува, вели проф. д-р Гордана Бужаровска, високиот процент на малолетно престапништво, особено во делот на децата рецидивисти. Имено, децата Роми опфаќаат 33% од вкупниот број деца рецидивисти.
Во насока на наодите и заклучоците што произлегуваат од оваа анализа, а сè со цел да се детектираат и да се превенираат дискриминаторските однесувања кон Ромите во рамките на судските, полициските и истражните постапки и со цел да се промовира принципот на заштита од дискриминација и промоција на правото на еднаквост, во Анализата се предлагаат следниве препораки:
Препознавањето на евентуалните дискриминаторски постапувања во текот на судската постапка во однос на процесната положба на Ромите би можело да се случи само со непосредно набљудување и следење на судските постапки каде што Ромите се обвинети или се жртви на кривичните дела.
Водење ефикасни и ефективни истраги во случаи на сомневање на незаконито постапување на органите на прогонот.
Државата е должна да постигне ефикасна заштита од дискриминација и притоа мора да ги посочи и да ги отстрани сите дискриминаторски однесувања на органите на прогонот и да утврди одговорност преку целосни и темелни истраги.
Подобрување на механизмите за пристап до правда, особено обезбедување правна помош во постапките, со користење бранители преку системот на бесплатна правна помош, како и овозможување превод на мајчиниот јазик во рамките на судските постапки.
Воспоставување механизам на идентификување на злоупотреби на истражни надлежности од страна на органите на прогонот.
Со намера да се постигне ефикасна заштита од дискриминација во кривичната постапка а особено во полициската и јавнообвинителската истражна постапка, мора да се обезбеди и да се воспостави постојан процес на едукација кој ќе развие сензибилитет кај правосудните органи при постапувањето во предмети каде што како обвинети/осомничени се јавуваат Ромите. Ова особено се однесува на јавните обвинители, полициските службеници, социјалните работници, а исто така и во крајна линија и на судиите.
Едукацијата мора да ги следи најновите трендови и стандарди за почитување на правото на еднаквост, пред сè, водени од судската практика на Европскиот суд за човековите права, кој дава ултимативно поимање на заштитата од дискриминација и почитување на правото на еднаквост.
M.В