/ Прочитано:

916

Камерон: Грозоморното убиство на британскиот војник е предавство на исламот

Четврток, 23 мај 2013 – „Велика Британија никогаш нема да потклекне пред екстремизмот и тероризмот“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон откако вчера попладне во Лондон свирепо беше убиен британски војник, пренесува Би-Би-Си. Жртвата беше избодена до смрт  при што двајцата осомничени напаѓачи, според исказите на сведоци извикувале исламистички пароли.

Камерон, кој ја прекина официјалната посета на Париз и се врати во земјата, го осуди убиството нарекувајќи го  „напад против британскиот начин на живот, како и предавство на исламот“. Според него, одговорноста е само кај лицата кои го извршиле нападот. Според британскиот премиер, Обединетото кралство има искуство со тероризмот, како со оној на ИРА, така и со исламскиот радикализам и фундаментализам, па затоа никој и ништо нема да ја исплаши или поколеба Владата. Вчера попладне, двајца напаѓачи со мачета убија британски војник кој се движел во лондонскиот кварт Вулич. Идентитетот на војникот се уште не се соопштува.   Двајцата осомничени за убиството беа застрелани од полицијата и моментно се наоѓаат во болница, каде едниот се бори за својот живот, јавуваат лондонските медиуми. Според извори на Би-Би-Си, тие им биле познати на службите за безбедност.  Напаѓачите биле снимени од случајни минувачи, на една од снимките еден од вели дека убиството е политички мотивирано и е одмазда затоа што британските војници убивале муслимани во Ирак и Авганистан.

Сведоци изјавија дека војникот прво бил удрен со автомобил, а потоа брутално искасапен. Министерството за одбрана веднаш реагираше и ја зголеми безбедноста во сите воени објекти во Лондон и им препорача на војниците да не излегуваат облечени во униформи.