/ Прочитано:

1.907

Кампања на МЗМП за подигнување за свеста за бездржавјанството

Секое дете е посебна приказна, секое дете има различни потреби, затоа, во согласност со нивните потреби и неостварените права, дејствуваме во насока на решавање на тие проблеми. Покрај останатите права за кои се залагаме, се залагаме и за остварување на правото на лични документи, но бидејќи ние не сме експерти во оваа област имаме тесна соработка со Македонското здружение на млади правници и со други невладини здруженија, како и со владини институции, со сите оние субјекти кои имаат искуство во оваа област. Затоа, со гордост можам да кажам дека досега сме успеале да извадиме државјанство за голем број деца, па дури и на цели семејства, кои целосно се интегрирани во општеството и кои ги имаат сите права како и останатите. Перспективата на детските права практично и не постои доколку тие се без државјанство, доколку се целосно социјално изолирани и доколку имаат оневозможен пристап за здрав раст и развој, за што целосно се свесни.

деца без државјанство 3

Членовите на Македонското здружение на млади правници ја интензивираат кампањата за превенција и искоренување на бездржавјанството. На денешната панел-дискусија, Иван Кочовски нагласи дека Европската мрежа против бездржавјанството, во која активно учествува и МЗМП, ја поднесе петицијата до Европскиот парламент, со која се повикуваат владите на државите да преземат итни мерки за сузбивање на проблемот кој веќе зазема сериозни размери. Кочовски рече дека педесетте невладини европски организации бараат од пратениците во Европскиот парламент, а пред сè од европските лидери, да започнат со конкретни програми за решавање на проблемот, пред сè, со децата кои немаат државјанство, ниту каков било документ за идентификација. Тој наведе дека загрижувачки е податокот дека повеќе од половина од државите во Европа немаат соодветни мерки, кога станува збор за овој проблем.

Во оваа насока, како што потенцираше Кочовски, со поднесувањето на петицијата  Европската мрежа против бездржавјанство ги повикува сите европски држави да ги ратификуваат конвенциите за бездржавјанство на Обединетите нации, а тоа се: Конвенцијата од 1954 година и Конвенцијата за намалување и искоренување на бездржавјанството од 1961 година.

деца без државјанство

Газменд Гудачи од Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на ОН во Скопје истакна дека Македонија сè уште ја нема потпишано Конвенцијата од 1961 години и нагласи дека вакви отворени дискусии се исклучително корисни за да се повикаат македонските власти да го ратификуваат овој важен документ.

„Самата ратификација со себе повлекува преземање конкретни активности за превенција и искоренување на бездржавјанството од земјава. Сè што e досега направено и сè што се прави на ова поле, пред сè е во рацете на граѓанскиот, невладиниот сектор. На овој проблем работи и УНХЦР во Скопје, а основно е, прво, да се идентификуваат децата без државјанство, а потоа да се изнајдат правни мерки за да добијат државјанство, најважниот документ со кој правно се идентификуваат во општеството и на тој начин ги уживаат сите права, истакна Гудачи.

Јулијана Шумкоска од „СОС детско село“ потврди дека подолго време соработуваат со Здружението на млади правници, пред сè, во насока на вадење лични документи на децата кои се згрижени и кои живеат во „СОС детското село“ –  Македонија.

„СОС детското село“, рече Шумкоска, 15 години се грижи за децата кои останале без родители и без родителска грижа.

Деца без државјанство 1

„Целна група се и децата во социјален ризик кои живеат со своите семејства, но поради разни причини тие семејства се во криза и имаат потреба од наша помош, а основната визија е на децата да им се даде топол дом, семејство, соодветна здравствена и социјална заштита, како и непречено образование. Секое дете е посебна приказна, секое дете има различни потреби, затоа, во согласност со нивните потреби и неостварените права, дејствуваме во насока на решавање на тие проблеми. Покрај останатите права за кои се залагаме, се залагаме и за остварување на правото на лични документи, но бидејќи ние не сме експерти во оваа област имаме тесна соработка со Македонското здружение на млади правници и со други невладини здруженија, како и со владини институции, со сите оние субјекти кои имаат искуство во оваа област. Затоа, со гордост можам да кажам дека досега сме успеале да извадиме државјанство за голем број деца, па дури и на цели семејства, кои целосно се интегрирани во општеството и кои ги имаат сите права како и останатите. Перспективата на детските права практично и не постои доколку тие се без државјанство, доколку се целосно социјално изолирани и доколку имаат оневозможен пристап за здрав раст и развој, за што целосно се свесни“, истакна Шумкоска.

На денешната панел-дискусија говореше и Александра Ефремова, правник во МЗМП која уште еднаш потенцираше што значи да се биде без државјанство, особено како е им е на децата кои растат без државјанство. За оние кои се засегнати со овој проблем, како што нагласи Ефремова, тоа значи дека ќе немаат здравствена заштита, образование и други можности, како и дека нема да се достигне нивниот потенцијал и ќе имаат чувство дека не припаѓаат никаде. Сето ова носи мака и болка за децата, но и за нивните родители.

Млади правници МЗМП

Целта на оваа кампања е да успее во тоа државите во Европа да станат свесни за проблемот на бездржавјанството и да се натераат владите да работат на воведување заштитни мерки за сите оние кои ќе бидат идентификувани, односно да им доделат државјанство на деца родени на одредена територија. Исто така, целта е да се обезбеди и пристап до бесплатен и сеопфатен упис на раѓања во матичната книга на родени бидејќи матичната евиденција е основа за добивање државјанство.

А. Б.