/ Прочитано:

1.465

Кампања за борба против трудовата експлоатација во модната индустрија

По повод одбележувањето на 18 октомври, Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, националниот координатор и државен секретар во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска го најави почетокот на Кампањата за борба против трудовата експлоатација во модната индустрија, која ќе се спроведува за време на Модниот викенд во Скопје „Stopthetraffik“.

На прес-конференцијата присуствуваа и: Елена Грозданова, член на Националната комисија и државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, Света Богова Јовановска и Марија Илиќ, организатори на „Модниот викенд“ Скопје.

„Кампањата ја посветуваме на трговијата со луѓе за цели на трудова експлоатација, која е резултат на економската криза, намалувањето на можностите за вработување и дополнителниот развој на сивата економија, која како нова област е предизвик и интерес на државата. Во таа насока, и денешниот настан е најава за започнување на превентивна кампања која е наменета за работниците во текстилната и модната индустрија, со цел да се спречи нивно искористување како работна сила, спротивно на нивната волја, под закана и казна, да се остваруваат цели со огромен профит. Кампањата е насочена и кон превенција на ризичната  категорија граѓани, со цел да ги подигнеме нивната свест и знаење, но и на надлежните институции, заради поефикасна идентификација, упатување, заштита на жртвите и кривичен прогон на сторителите“, истакна националниот координатор Несторовска.

Во рамки на одбележување на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција, во соработка со Меѓународната организација за миграции (ИОМ), организираше и тркалезна маса на тема „Трговија со луѓе, национални трендови, појавни облици и предизвици“, која ја отворија националниот координатор Магдалена Несторовска и Соња Божиновска Петрушевска, шеф на канцеларијата на ИОМ во Скопје. На тркалезната маса покрај претставници од надлежните институции присуствуваа и претставници од меѓународните и невладините организации чиј делокруг на работа ја вклучува борбата против трговија со луѓе.

M.В