/ Прочитано:

2.136

Канческа-Милевска: Тендерските постапки за Музејот на ВМРО, за кои обвинува СЈО, се законски

Предметот воопшто не бил истражуван од страна на СЈО, оценува Канческа-Милеска, ниту пак документите поврзани со изградбата на Музејот. Сите документи кои денеска таа ги презентираше на својата прес-конференција му биле доставени на СЈО во вторникот, кога СЈО ја најавило својата прес-конференција што се одржа денес, рече министерката.

Елизабета Канческа-Милевска

Навистина е жално што еден ваков благороден проект, како што е Музејот на македонската револуционерна борба, и целокупната и посветена работа на Министерството за култура и на сите вработени се во заложништво на политички маркетинг кој е во функција на предизборието.

Ова го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по денешната прес-конференција за Специјалното јавно обвинителство, на која беше обелоденет новиот предмет „Тендер“, во кој според описот на функцијата и надлежностите како првоосомничена се јавува таа.

„Сите ние очекувавме професионален и објективен пристап од СЈО за откривање на вистината. Јас при доаѓањето на позицијата министер бев свесна дека сите проекти мора да се контролираат во целокупната реализација, но морам да констатирам дека пресот на СЈО е дел од однапред планирано сценарио на политичка пропаганда, со единствена цел за оцрнување на работата на Министерството за кутура. Тоа нема да го дозволам, тоа го тврдам одговорно бидејќи јас и сите вработени чесно и посветено сме си ја вршеле својата работа и сакам да им се заблагодарам за нивната посветена работа во согласност со законот“, рече Канческа-Милевска.

СЈО уште еднаш докажа дека работи по инструкции на СДСМ и врз основа на паушални претпоставки кои немаат никаква реална основа.

„Сакам да потенцирам дека сите обвинувања изнесени од обвинителката Фетаи се невистинити и целосно ги отфрлам и сакам да потенцирам дека сум работела законски. Изјавите на госпоѓата Фетаи се „рекла-казала“, рече Милевска.

Министерката презентираше информации според кои тврди дека набавката која била предмет на истрага на СЈО не се однесува на изградбата на Музејот туку на партерното уредување на Музејот. Покрај тоа, министерката истакна дека не е точно ниту тврдењето дека ниту еден друг економски оператор не ги исполнувал строгите критериуми кои биле поставени на тендерот со цел „Бетон Штип“ да го добие договорот.

Предметот воопшто не бил истражуван од страна на СЈО, оценува Канческа-Милеска, ниту пак документите поврзани со изградбата на Музејот. Сите документи кои денеска таа ги презентираше на својата прес-конференција му биле доставени на СЈО во вторникот, кога СЈО ја најавило својата прес-конференција што се одржа денес, рече министерката.

„Не знам кој може за толку кусо време да прегледа толкава документација и да донесе ваква констатација“, рече Милевска.