/ Прочитано:

1.408

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА ВО СЈО: Го истакнав законското работење на Министерството за култура

„Сакам да го изразам моето задоволство за поканата во СЈО каде што можев да го истакнам и да го потенцирам законското работење на Министерството за култура“, рече Канческа-Милевска. За сите останати детали поврзани со распитот, министерката рече дека треба да бидеме во контакт со СЈО бидејќи таа не е овластена да дава изјави за предистражните бидејќи се тајни.

Елизабета Канческа Милевска, министерка за култура

Повеќе од три и пол часа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска беше на распит во Специјалното јавно обвинителство. По завршувањето на распитот, Канческа-Милевска кусо изјави дека била повикана во својство на сведок, но не потенцираше за кој предмет.

„Сакам да го изразам моето задоволство за поканата во СЈО каде што можев да го истакнам и да го потенцирам законското работење на Министерството за култура“, рече Канческа-Милевска. За сите останати детали поврзани со распитот, министерката рече дека треба да бидеме во  контакт со СЈО бидејќи таа не е овластена да дава изјави за предистражните бидејќи се тајни.

Таа додаде дека засега нема најави дали повторно ќе биде повикана во Специјалното јавно обвинителство.

Покрај Канческа-Милевска, денеска во СЈО на распит бил и бизнисменот Орце Камчев.

Специјалното јавно обвинителство најави интензивирање на работата во втората половина на август. Оттаму наведоа дека лицата кои се повикани ќе бидат од корист со нивните сознанија за разјаснување на околностите по повод сите постапки кои се отворени во овој период.

„Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушувани разговори. Поради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат“, информираше специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во писмена изјава.

На 15 септември Специјалното јавно обвинителство треба да го објави извештајот за едногодишната работа. Ова ќе биде втор извештај на СЈО кое, според Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, треба да изготвува извештај за работењето на секои шест месеци и да го достави до Советот на јави обвинители и до Собранието.

М. С.