/ Прочитано:

4.075

Од судиска клупа на претседателско столче

Среда, 11 јули 2012 – Изборот за претседател на Кривичниот суд во Скопје, пред разрешница.  Судскиот совет на РМ (ССРМ) утре ќе одлучи кој ќе ја наследи судијката Лидија Неделковска и ќе седне на претседателското столче во Кривичниот суд. Во игра се двајца кандидати, млади судии од организиран криминал, прилично познати во јавноста поради важноста на предметите во кои постапувале.

лево: судија Ѓоко Ристов, десно: судија Владимир Панчевски

ССРМ неодамна објави јавен оглас за избор на претседател на Основен суд Скопје 1 на кој се пријавија тројца кандидати, меѓу кои неодамна починатиот судија Марјан Колишевски, па според тоа во трката останаа судиите Владимир Панчевски и Ѓоко Ристов. Иако и двајцата со многу сличен стаж во судење на организираниот криминал, само еден од нив ќе биде наследникот на Лидија Неделковска која што од неодамна е  судија  во Врховниот суд на Македонија. Членовите на ССРМ утре треба да одлучат кој ќе биде претседател на најголемиот Кривичен суд во земјава.

Кој е Ѓоко Ристов?

Судијата Ѓоко Ристов (40) e еден од неколкуте судии што работат на предмети од областа на организираниот криминал. Од 1996 година па наваму тој ги поминал сите судски должности, од волонтер, стручен соработник, па се до судија за организиран криминал. Нему му беа доделени дел од најзначајните предмети од организиран криминал. Во јавноста е познат по неколку судски процеси  што се следеа со голем медиумски интерес. Откако е префрлен во Одделот за организиран криминал, судската функција ја извршува неколку години. Познат е по обемната пресуда во случајот “Изгрев“ каде покрај браќата Миладинови беа осудени и адвокати и нотари, но по една година Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда за овој судски процес кој сеуште се води.

Дел од предметите во кои постапува(л)

  • Метастаза–  случајот со инвалидските пензии;
  • „Бумеранг“– случајот со митото во граничната полиција;
  • „Албатрос“ – случајот со меѓународната мрежа на мигранти;
  • „Изгрев“ –  случајот со милионските проневери преку хотелот „Изгрев“;
  • Најверојатно ќе претседава со советот за случајот „Калдрма“ – продолжение на акциите „Змико око 1“ и „Змиско око 2“, по третпат полицијата уапси инкасанти од наплатните рампи вработени во ЈП „Македонија пат“.

Кој е Владимир Панчевски?

Судијата Владимир Панчевски (38) е исто така еден од неколкуте судии што работи на предмети од областа на организираниот криминал и корупција. Со 4 години судиско искуство, името на Панчевски се врзува со судски процеси што ја брануваа јавноста. Почетокот на кариерата ја започнува со двегодишно искуство како волонтер во Основното јавно обвинителство. Таму останува уште 5 години напредувајќи во кариерата. Од волонтер, станува приправник и на крајот завршува како стручен соработник. Наредните 5 години од 2003-2008 година, Панчевски работи во Министерството за финансии, во одделот на финсансиска полиција. Неговото прво вработување во Кривичниот суд е од 2008 година каде што една година работи како истражен судија. Со доаѓањето на Лидија Неделковска за Претседателка во Кривичниот суд, Панчевски е прераспореден во Одделот за организиран криминал. Исто како и на колегата Ристов и  нему му се доделени дел од најзначајните предмети од организиран криминал. Постапува во повторената  постапка за случајот „Армиско оружје“ по кој во прв степен постапуваше друг судија, но одлуката беше укината од Врховниот суд на Македонија поради сериозни пропусти во изготвената првостепена пресуда.

Дел од предметите во кои постапува(л)

  • Пепел 2“ – случајот познат по инволвираноста на  т.н. кумановски тутунски бос, Бајруш Сејдиу;
  • „Виторија“ – случајот со познатиот скопски ресторан;
  • „Армиско оружје“ случајот за  оружјето кое според обвинителствотo беше нелегално продадено на бугарска фирма.

Во интервју  неодамна дадено за Академик, Владимир Панчевски за себе вели дека е судија кој што е отворен за јавноста и новинарите.

Кандидатите во ист состав на повеќе предмети

Судењето за случајот „Изгрев“

Судиите Владимир Панчевски и Ѓоко Ристов имаат заедничко судско искуство во два предмети познати на јавноста како „Изгрев“ и „Армиско оружје“. Во случајот „Изгрев“ со милионските проневери преку струшкиот хотел „Изгрев“, претседател на судскиот совет беше Ѓоко Ристов, вториот судија беше Владимир Панчевски. Во „Армиско оружје“ судиите се распореден во обратен редослед, Панчевски заседава, а Ристов е втор судија во составот.

Двајцата судии имаат прилично еднакво искуство, позади себе имаат одлуки за  значајни предмети од организиран криминал, Судскиот совет за ланската година ги оцени со највисока оценка. Според искуството и оценките, тесна е трката за претседателското столче.

Условите кои што треба да ги исполнат кандидатите според Законот за судовите

Претседател на суд се избира под услови, во постапка и на начин како што се врши избор за судии за време од четири години од редот на судиите на тој суд, со можност повторно да биде избран на истата функција уште четири години. Претседател на суд кој повторно нема да биде избран на истата функција продолжува да работи како судија на тој суд.

За претседател на суд се избира судија кој во последните две години од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови.

Посебни услови за избор на судија се:

  •  за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило обуката во Академијата за обука на судии и јавни обвинители,
  •  за судија на апелационен суд може да биде избрано лице кое има пет години работно искуство на правни работи по положен правосуден испит,
  • за судија на Управниот суд може да биде избрано лице кое има пет години работно искуство по положен правосуден испит, на правни работи, или е универзитетски професор од областа на правото со научен степен доктор на правни науки и
  •  за судија на Врховниот суд на Република Македонија може да биде избрано лице кое има осум години работно искуство со потврдени резултати на правни работи по положен правосуден испит.
  • за судија на Врховниот суд на Република Македонија може да биде избран и редовен или вонреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет сврзан со судската практика.

Оглас за избор на претседател на суд, ССРМ објавува 2 месеца пред истекот на мандатот на постојниот претседател на суд. Од пријавените кандидати кои ги исполнуваат потребните услови, ССРМ најдоцна два месеца по распишувањето на огласот избира претседател на суд.