/ Прочитано:

2.328

Доделени уверенијата на идните судии и јавни обвинители

Кандидатите за судии и јавни обвинители подготвени за предизвиците и притисоците што ги очекуваат во работата

„Професијата судија и јавен обвинител е тешка и одговорна задача и мислам дека бара целосна посветеност во работењето, особено во првите години, а домашните обврски ќе паднат во втор план. Со текот на годините и со искуството ќе можете и поуспешно да ги совладувате и потешките предмети“, рече претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски.

akad 2

Угледот е најважен во работата на еден судија и на еден јавен обвинител. Тој се гради со години, но може да се урне за само пет минути преку донесување на непромислена одлука од која нема враќање. Со ова претседателот на Советот на јавни обвинители ја поздрави и ја подготви за иднината петта генерација кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ кои денеска ги примија уверенијата за завршена обука.

Аневски потенцираше дека идните кандидати за судии и јавни обвинители во својата работа треба строго да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија, но и дека во првите години од својата работа ќе треба да се лишат од приватниот живот.

„Професијата судија и јавен обвинител е тешка и одговорна задача и мислам дека бара целосна посветеност во работењето, особено во првите години, а домашните обврски ќе паднат во втор план. Со текот на годините и со искуството ќе можете и поуспешно да ги совладувате и потешките предмети“, рече Аневски.

anevski

Тој потсети дека обвинителствата во државава се соочуваат со недостиг од кадар и ресурси за успешна борба со криминалот, но најави и распишување оглас за пополнување на осум јавнообвинителски места во обвинителствата во Гостивар, Битола и во Скопје.

„Недостасуваат околу 60 јавни обвинители бидејќи има непополнети места во речиси сите обвинителства. Некои од тие јавни обвинителства одвај чекаат да добијат кадар. Денеска на седница на Советот ќе објавиме огласи за пополнување на јавнообвинителски места, а имаме на располагање осум кандидати од Академијата“, рече Аневски. Тој додаде дека се надева дека кандидатите кои штотуку ја завршија обуката, ќе ги исполнат условите предвидени во огласот и ќе можат веднаш да започнат со практикување на знаењето стекнато во Академијата.

Претседателот на Судскиот совет, Бранко Ушковски, пак, истакна дека кандидатите што ја завршија обуката, благодарејќи на нејзиниот практичен дел, веќе се целосно подготвени и оспособени да се соочат со предизвиците што ги очекуваат во професионалната работа.

uskovski

„Преку вложувањето во кадрите на Академијата во последните години се отстранети сите видови влијанија, не само политички туку е отстранет и секаков вид на субјективизам. Во оваа прилика ќе бидам искрен дека ова навистина не беше ниту идеја пред 10 години“, рече Ушковски.

Најуспешната кандидатка, која ја заврши обуката со највисок просек, Вероника Станоевска, смета дека Академијата ги подготвува своите кадри за притисоците што ги очекуваат.

„Поминавме долг пат. Вложивме голем труд. Очекувам нашите дејствија и одлуки да зборуваат погласно“, изјави Станоевска.

Според кандидатката Оља Крстиќеска, која ја завршила обуката за судија, предизвиците допрва следуваат преку нивото вработување во судовите.

akad 2

„Со нашата генерација се направи веднаш прераспределба и јас сум кандидат за судија, но останува на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители да одлучат каде и во кои судови и обвинителства имаат потреба од нови кандидати, така што ние немаме право на избор за разлика од претходните генерации бидејќи имаме обврска да се јавуваме на сите огласи“, вели Крстиќеска.

За неа не би претставувало проблем да работи во помалите судови во внатрешноста бидејќи се чувствува подготвена за работа и сака да го употреби своето знаење и во практиката.

М.С.

(ФОТО) Доделени уверенијата на идните судии и јавни обвинители