/ Прочитано:

1.689

Новиот претседател на Судскиот совет за предизвиците во судството

КАРАЏОВСКИ: Одговорноста при носењето на судските одлуки е индивидуална. Не постои колективна одговорност

„Мојата забелешка, на многу коментари дека ништо не чини, отсекогаш била дека одговорноста треба да биде посочена конкретно, со име и презиме и сметам дека генерално судството и судските одлуки се во ред. Постапката за одлучување се знае каква е и Судскиот совет не е орган кој го цени квалитетот на судските одлуки“, вели Караџовски.

Зоран Караџовски, претседател на Судски совет

При вчерашната номинација за претседател на Судскиот совет, Влатко Самарџиски за својот колега, сега претседател на Советот, Зоран Караџоски истакна дека активно учествува во работата на Советот, на тркалезни маси, на прирачници и дека одговорно, чесно и законски ќе ја врши  функција.

Караџовски, пак, при приемот на новата функција денеска истакна дека им благодари на колегите што му дадоа едногласна поддршка да биде, како што рече, прв меѓу еднаквите.

„Реформирањето на судството е започнато одамна, но претстои пат на понатамошно унапредување и афирмирање на судството. Сметам дека како колективно тело ќе одговориме на предизвиците што престојат во идниот период“, рече пред членовите на Советот.

Пред новинарите Караџовски истакна дека професијата судија секогаш има предизвици, а тие како Судскиот совет, во согласност со надлежностите, имаат одговорност да го чуваат угледот и да го унапредуваат судството.

„Од нас, како Судски совет, и од мене лично увидено е дека одредени законски проекти можат да трпат промена бидејќи сè уште сме во фаза на реформи за унапредување на законодавството кое се однесува на судството, како што се: Законот за Судскиот совет, Законот за кривична постапка, така што во рамките на Судскиот совет ќе ги направиме сите напори за унапредување на тие процеси“, рече Караџовски.

Зоран Караџовски, претседател на Судски совет

Новиот претседател вели дека не му е позната праксата за избор на судии според партиски тефтерчиња, состојба која беше спомената во прислушуваните разговори кои ги објавуваше опозицијата.

„Јас и на јавни собири се имам произнесено во врска со бомбите и не можам да зборувам за претходната пракса. Такви работи не ми се познати и секако дека најенергично ќе се спротивставам на какви било влијанија и притисоци што ќе се види од понатамошната моја работа“, рече Караџовски.

Неговиот пристап при разгледувањето на работата на судиите, како што вели, отсекогаш бил да се оценува индивидуалното постапување на секој судија. Одговорноста при носењето одлуки од страна на судиите е на секој индивидуално, како за судиите така и за новинарите и во сите професии. Не постои колективна одговорност, потенцира Караџовски.

„Мојата забелешка, на многу коментари дека ништо не чини, отсекогаш била дека одговорноста треба да биде посочена конкретно, со име и презиме и сметам дека генерално судството и судските одлуки се во ред. Постапката за одлучување се знае каква е и Судскиот совет не е орган кој го цени квалитетот на судските одлуки“, вели Караџовски.

Тој не сакаше да ги коментира одлуките на основниот суд Скопје 1 кои се однесуваат на предлозите на Специјалното јавно обвинителство за определување на мерка притвор во случаите за кои тоа поведе истрага.

Зоран Караџовски, претседател на Судски совет

Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија функционира од март

Во однос на забелешките на Венецијанската комисија за Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија, Караџовски вели дека нема потреба тие да се разгледуваат пред Судскиот совет бидејќи таму се предложува постоење или непостоење на едно тело или негово видоизменување, за што Светот нема ингеренции.

„Судскиот совет искажа мислење и во фазата на подготвување на Законот. Мојот став во моментов не е битен. Секако дека имаме одредени забелешки. Препораката беше да се оддели постапката за барање за поведување постапка за одговорност на судија и Судскиот совет да одлучува, така што по анализите предлогот што беше доставен од Министерство за правда го донесе Собранието и ние како Судски совет направивме постапка. Доколку и понатаму се менува Законот, јас се надевам дека ќе се побара мислење од Судскиот совет за евентуално подобрување на тоа законско решение“, вели Караџовски.

Новиот претседател на Судскиот Совет вели дека Советот за утврдување на факти од 22 март веќе ги презел во работа сите предмети и претставки од граѓани и функционира со осум од деветте предвидени членови и сите претставки што доаѓаат до нив се препраќаат во Советот.

Гласањето за составот на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија  беше спроведено во јули минатата година.

За претседател беше избран адвокатот Сашо Поцевски, а од редот на пензионираните судии беа избрани Јордан Лазаров, Злата Стамболиска и Фатон Пачуку, додека од редот на пензионираните обвинители беа избрани Иван Јакимовски, Кире Секуловски и Фета Исени. Симеон Галевски беше избран во декември минатата година како член од редовите на пензионираните професори.

Марија Севриева

Пропадна првиот обид за избор на претседател на Судскиот совет. Ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство